Трајковски и Зеќири пред судот против Рашковски: Го купи софтверот иако беше запознаен дека според закон е забранет

Драги Рашковски знаел дека е забрането да купува систем за да го евидентира работното време во Генералниот секретаријат, ама сепак го набавил. Пред судот, сведочеше директорот на дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски, дека екс владиниот генерален секретар уште кога го набавувал софтверот, имал укажување дека според Законот за заштита на личните податоци, обработка на биометриски податоци се дозволува само во исклучителни ситуации.

  • „Во ниту еден субјект кој е работодавец, не може со биометрија да се врши евиденција на работно време. Ниту во Генералниот секретаријат, ниту во Македонија, ниту било каде во светот“ – истакна Трајковски.

Рашковски пак, го обвини Трајковски дека лаже кога вели дека ниту во светот не се евидентира работно време со биометриски податоци. Против Рашковски сведочеше и неговиот наследник како генерален секретар во Владата, Мухамед Зеќири, кој тврди дека не постоела владина одлука за набавката на софтверот за МВР. Додека Зеќири бил на функција, софтверот не бил ставен во функција, а сведочеше и дека владата не може да изрекува казни туку тоа го прави Министерството за внатрешни. За владата да набави софтвер, треба некоја институција да го побара тоа, вели Зеќири, а во случајот МВР не знаеше дека Рашковски набавува софтвер за определување брзина и изрекување казни.

  •  „ Добив список на увид, со луѓето кои се ангажирани како надворешни соработници. Лично не ги запознав. Само како имиња, не ги познавам“ рече Зеќири за другите обвинети со Рашковски.

Со сведочењето на Зеќири се потврдува обвинението против Рашковски вели обвинителката Ивана Трајчева.

  • „Зеќири потврди дека системот воопшто не е доставен, не е имплементиран. Самите слушнавте дека сведокот кажа дека морало да биде направен вонреден попис за да се пронајдат тие кабини кои што се за потребите на системот за биометриска идентификација и појасни дека истите не се наоѓаат во просториите на Владата бидејќи биле обемни и немало каде се сместат“, додаде Трајчева.

Во предметот „Софтвери“,  прво обвинет е Рашковски како генерален секретар во Владата, бидејќи потпомогнал тендерот за набавка на софтвер за МВР, да го добие „Ивока груп“  на обвинетиот Даниел Станчев. Дополнитено, Рашковски се товари дека на другите 6-мина обвинети кои биле хонорарци во владата, им исплаќал месечни хонорари кои му ги враќале во кеш.

Викторија Миткова

Advertisements