Трамп ја поддржа идејата на Токио да посредува меѓу САД и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Токио ја поддржа идејата на јапонскиот премиер Шинѕо Абе, Токио да ги искористи добрите односи со Техеран и да посредува во отпочнување на дијалог меѓу САД и Иран.

– Знам дека Јапонија и нејзиниот премиер имаат многу добри односи со Иран и ќе видиме што ќе се случи. (Јапонскиот) премиер веќе разговараше со мене за тоа и верувам дека Иран ќе биде подготвен за разговори. Доколку тие сакаат да разговараат и јас би го сакал истото. Никој не сака да се случат ужасни работи, посебно не јас, изјави Трамп по средбата со Абе.

Трамп претходно најави дека е подготвен за дијалог со Иран во обид да се спречи воен конфликт на Блискиот Исток, но Техеран тврди дека засега не е заинтересиран за дијалог со Белата куќа.

Тензиите меѓу САД и Иран се зголемија минатата година, откако САД се повлекоа од договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година и ги возобновија санкциите кон Техеран. Тензиите дополнително ескалираа овој месец со вербалните обвинувања меѓу Вашингтон и Техеран, по што САД испратија дополнителни вооружени сили во реонот на Персискиот Залив, тврдејќи дека на тој начин сакаат да ги заштитат американските интереси во регионот од иранските закани. За возврат, Иран распореди дополнителни ракети долж брегот на Персискиот Залив.

Инаку, Трамп, кој престојува во посета на Токио, по средата со Абе се сретна и со новиот јапонски цар Нарухито, со што стана прв светски лидер со кого разговараше новиот суверен на Јапонија од неговото стапување на престолот на 1 мај.