Трагедија кај Ниш-Воз преполови автобус кој превезуваше ученици

Полицијата се уште истражува како дошло до трагичната несреќа во село Меѓурово кај Ниш, кога се судрија воз и автобус на одбележан железнички премин, но без рампа.
Што и да се открие како причина, во прашање е најверојатно човечка грешка заради која неколку семејства денеска се завиени во црно. Во несреќата неколку лица загинаа, а над 20 се повредени, од кои две се борат за живот.

Автобусот превезувал деца во средно училиште. Од силниот удар возот го преполовил автобусот, повредените се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш. Сите повредени биле во автобус, а никој од 10-те патници од возот не се повредени.

Шеснаесет годишниот Димитар Јовановиќ кој се здобил со полесни повреди вели дека несреќата била страшна и во автобусот имало негови другари.

Несреќата се случила кога патнички воз, кој во 7:14 часот тргнал од железничката станица Ниш кон Прокупље, при излез од железничката станица Меѓурово удрил во патнички автобус.
Компанијата „Инфраструктура на железницата на Србија“ соопшти дека несреќата се случила на патен премин кој е обезбеден со знаци за вертикална патна сигнализација но немало рампа.
Мештаните од селото велат ова не е прв пат да се случи несреќа, и веќе со години наназад бараат железничкиот премин да се направи како што треба.

На местото на несреќата се полицијата, пожарникари и Брза помош, како и железничка комисија за следење вонредни ситуации. Според директорот на полицијата, до несреќата најверојатно дошло заради пропуст на возачот на автобусот.

Елена Вришку