Торнадо во Луксембург, гром погоди фудбалери во Германија

Силно невреме, наместа проследено со торнадо, ги погоди Луксембург, делови на Холандија и Германија, каде во покраината Баден-Виртенберг од удар на гром се повредени 15 фудбалери.

– Громот удрил додека фудбалерите тренирале синоќа, во близина на спортски центар во Розегфелд-Хајлгенцимерн, соопшти портпаролот на полицијата. Спортистите, на возраст меѓу 19 и 48 години се здобиле со полесни повреди, и сите се пренесени во болница.

Во невремето во Луксембург се повредени шест лица. Подоцна, силна „пијавица“, налик на торнадо, мина низ центарот на Амстердам, но засега нема информации за повредени лица.

Од последиците на бурата се урна циркуски шатор во Некарслум, при што еден коњ е потешко повреден, па морал да биде успиен. Околу 15 камили и коњи побегнале од циркусот.