Тиквешкото Езеро повторно со алармантен водостој кој секојдневно се намалува за околу еден метар?!

Нивото на површински најголемата вештачка акумулација во земјава, Тиквешкото езеро, повторно во критична фаза. Околу двете илјади викендаши кои со години живеат во негова непосредна близина алармираат дека во овие октомвриски денови, езерото секојдневно се спушта за околу еден метар.Тие се сомневаат дека водата се испумпува за потребите на ХЕЦ „Тиквеш“, а заради актуелната кризна состојба и драматичниот недостиг од струја, според нив, најверојатно тоа се правело без да се води доволно сметка за опасното нарушување на биодиверзитетот на езерото.

   „Секој ден, секоја вечер, утре сабајле кога ќе станам, може пола метро, метро е падната водата висински, а хоризонтално по три метра можеби, секој божји ден…Централата, ми кажуваат дека работи турбо и веќе одиме и на полошо. Од како што беше, досега висински е спуштено можеби 15 метри..Нема струја државата и се прави струја, не ги интересира друго ништо и од кога прогласија кризна состојба, никој ништо не им може. Тие си тераат по нивно..Што и да им речеш, дека рибите се загрозени, не ги интересира, ќе речат, приоритет е струјата и крај“, – ни рече Ангел Крстев од Кавадарци.

   Повлеченото езеро освен што оставило на суво голем број од чамците, сериозно го нарушува и водоснабдувањето во викенд-куќите, па викендашите биле принудени пумпите за вода постојано да ги поместуваат подлабоко во езерото.

  „Еднаш ја поместив пумпата и очекувам за една недела – две пак да продолжуваме кабли, пак црева и да ја поместувам пумпата во најдлабокото и секако ќе дојде ситуација сите пумпи да останат на суво за петнаесетина дена“, – објаснува Крстев.

    Дека состојбата со езерото е алармантна ни потврди и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Според познавачите на приликите пак, оваа акумулација првенствено е наменета за наводнување на земјоделските површини, во време на вегетативниот период кој трае до 15-ти октомври, потоа за водоснабдување, па за одржување на рибниот фонд, а додека производството на струја е дури четврт приоритет, без разлика што државава се наоѓа во енергетска криза.

   Од ЕСМ пак, не’ информираа дека моменталната кота на акумулацијата изнесува 244,54 метри надморска висина, a додека минималната дозволена кота е 234 мнв. Просечна потрошувачка на вода по произведен киловат/час изнесува околу 4,5 метри кубни вода и е во рамките на нормалното. Хидроелектраната „Тиквеш“ работи според планот за производство, а акумулацијата се наоѓа надвор од т.н. вегетативен период, односно од периодот за наводнување кој побарува посебна кота на ниво на водата, соопштуваат од ЕСМ.

Каролина Дурло

Advertisements