Тиквешките лозаро-овоштари на протест, бараат итно пуштање на каналите за наводнување

Ако за пет до седум дена не се пушти вода за наводнување на лозовите и овошните насади, тиквешките лозаро-овоштари ќе имаат уште една изгубена реколта, покрај веќе присутните многубројни проблеми со кои се соочуваат уште од претходните години. Родот ќе се исуши, а само работата ќе им останела бакшиш. Исплашени од можните последици, тие денеска два часа го блокираа патниот правец Кавадарци – Неготино.

Покрај неисплатените субвенции и неисплатеното грозје од ланската реколта, е проблемот со пуштањето на водата. Законски на 15-ти април треба да се пушти водата за полевање. Сега моментално, лозовите насади се во фаза на цветање, значи потребно им е вода. Сите водари си отидоа, лански, преклански дефеткти не се поправени и сега се јавуваат нови дефекти. Една линија ако пукне, 10 – 15 луѓе со лозови насади страдаат“, – вели Ѓоко Крстев, од Здружението „Неготино“.

Тиквешките земјоделци се жалат дека од шест пумпи во т.н. „Горна зона“, имало само една исправна пумпа. Пумпите во Марена биле стари по 40 години, а државата досега ништо не инвестирала во нив.

„Водостапанство „Тиквешко поле“ да се врати на ниво на Кавадарци, а не да биде во Скопје. Ние од Скопје ги чекаме сите репроматеријали што одат, дали за „глави“, дали за штрафови, работна рака, Скопје да дозвои тендер. А бе каков тендер, нека се престане еднаш, тоа е најголемата пропаст во државата“, – кажа Нове Јошески, лозар од Кавадарци.

Исправени пред овој голем и во моментов толку суштествен проблем, тиквешките лозари, потсетија и на редицата други проблеми со кои се соочуваат, а за кои, како што велат, државата со години нема слух.

„Грозје, ние очекуваме, ако е родна годината од 110-130 милиони килограми грозје. Ама, оваа година, вака како што планираат, ќе пуштат еден час, два вода, а така не може оти на лозјето му треба за едно полевање од 80 до 100 литри, а треба најмалку две полевања. А тоа тие не можат да го овозможат. Оваа година не верувам дека ќе има повеќе од 90 милиони килограми грзоје“, – истакна Дано Јошев, прет. на Здружението „Тиквшки – лозаро овоштари“ од Кавадарци.

Незадоволните лозаро-овоштари побараа и итна средба со надлежните државни институции и со винариите, за навреме да ја дефинираат и годинашната откупна цена на грозјето, но и да бидат доисплатени сите лозари кои се уште имаат за земање пари за ланската реколта, како и субвенции. Во спротивно, се заканија со радикализација на протестите.

Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести