Тиквешките земјоделци поворно на протест – имаат сериозни проблеми заради нефункционалноста на системот за наводнување –
Земјоделците од Тиквешијата веќе трет ден поставуваат блокади на патниот правец Прилеп-Градско, кај клучката за Кавадарци. Бараат итно решавање на хаваријата на сифонот „Макарија“ со што е предизвикан прекин на водата во системот за наводнување на земјоделските површини. Велат, ова било повеќедецениски проблем и затоа се дополнително изиритирани што надлежните немаат слух за нивната мака. „Со таквата институционална “глувост“ се доведувало во прашање и годинашното производство, но и опстанокот на ова население кое 80 посто живее од земјоделието“, предупредуваат тие.
„Преку 3.500 хектари горат за вода. Истите површини се искроени, изврзани, изретчени, наѓубрени, се и кога дојде ред да земеме производство, да набереме, да продадеме, нема вода и сега ни гори цело производство. Ако во рок од 15 дена не го санираат дефектот и опече сонцето, сметајте дека производството отиде“ – кажа еден тиквешки земјоделец.
„Ако за недела дена не донесат вода, ем праските ќе се исушат и мораат луѓето да ги туркаат, ем лозјето сега е во процветување, ќе бара наводнување, ем „кутовската капија“ што цела Југославија јадеше „капија“ оттука, сега ќе нема храна за Македонија“, – вели Дано Јошев од Здружението “Тиквешки лозаро-овоштари“.
„Кај нас, во општина Росоман и општина Градско, оваа катастрофа нема да биде запамтена ако државата не преземе нешто. Кај нас сега се бара вода и само вода. Ние не сакаме политика. Сакаме што поскоро да ни се санира каналот ида имаме вода да можеме да ги наводнуваме овошките. Ако ние оваа година не ги наводниме овошките, ние ќе имаме последици следната година“, – кажа друг земјоделец.
На очајните, но и револтирани и гневни земјоделци, поддршка им дадоа и градоначалниците на Росоман и Градско. Според нив, ако веднаш не се реши овој проблем, тоа ќе биде крај и за овие две земјоделски општини. Велат, овде нема политика, туку се работи за суштински и егзистенцијален проблем.
„Денес сме овде на Дреново, меѓутоа нашите пријатели од о. Градско имаат блокирано и таму, така да остануваме овде заедно со земјоделците се до конкретно решение“, – кажа Стојан Николов, градоначалник на о. Росоман.
Тиквешките лозаро-овоштари се заканија дека доколку и понатаму државата, односно ресорното Министерство и АД „Водостопанство“ се оглушуваат на нивните барања, во наредните денови тие ќе ги радикализираат протестите.
Каролина Дурло