Никако да проработат сите капацитети за домашно производство на електрична енергија. Откако вчера свечено беше пречекан трансформаторот за РЕК Битола, вечерта се случи пожар во ТЕЦ Осломеј. Електраната ноќеска била исклучена од производство бидејќи се запалил несогорен јаглен и пепел. Како што информираа од АД ЕСМ , пожарот бил од помали размери и надвор од електраната.

Термоелектраната Осломеј вечерва е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што доведе  до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел. Настанатиот пожар од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран. Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, известија од АД ЕСМ

  Пожарот се случи само три недели откако електраната беше вклучена на мрежа на што претходеа дополнителни ремонти, кои се правеа со цел да се обезбеди сигурна работа на капацитетот во грејната сезона бидејќи станува збор за термоелектрана која е изградена пред 42 години.

 Во меѓувреме, се уште не работи ни третиот блок на РЕК Битола.  Откако вчера со голема радост Министерот за економија Крешник Бектеши го пречека трансформаторот во Битола, кој патуваше од 14 – ти ноември од Турција преку Грција, сега треба да чекаме уште 10-тина дена за да завршат процедурите со поставување на трансформаторот и да проработат трите блока на РЕК Битола.  Трансформаторот требаше да пристигне минатиот месец, но поради проблеми со транспортот рокот беше пробиен.  Па по долгото чекање, веројатно затоа и лично Министерот за економија отпатува до Битола, да го пречека трансформаторот и да објави дека конечно сме биле подготвени за зимата.

Ова е прв пат министер да отпатува во друг град со трансформатор кој пристигнал после долго патување, помалку саркастично искоментира  поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Сите трансформатори, генератори, турбини и цевководи што во минатото пристигнале од Полска, Русија, Љублана, Марибор и Загреб, кога пристигнале, ниеден министер за економија, за конечно добредојде од долгиот пат, не дошол од Скопје со трансформоторот за добредојде да се слика, реагираше Џевдет Хајредини поранешен министер за финансии.

Од државните електрани уверуваат дека застојот во ТЕЦ Осломеј нема да предизвика недостаток на електрична енергија, потребите ќе се задоволеле преку другите производствени капацитети.  Во меѓувреме , АД ЕСМ продолжува да увезува електрична енергија за задоволување на потребите на болниците , училиштата, јавните претпријатија, прехранбената индустрија.

Кристина Алексиеска

Advertisements