Тетовчани бараат  повеќе полиција на терен

Да се врати методот на полициско работење од пред 20-тина години со патролни полицијци-позорникари низ градските маала. Да има повеќе реонски полицијци на терен како начин на превенција од честите нарушувања на јавниот ред и мир со физички напади и насилства но и кражби.

Ова го бараат граѓаните на Тетово и Полошкиот регион за нивна поголема безбедност, велат од невладината организација Евротинк кои за истражување за работата, отчетноста и транспарентноста на полиција направиле анкети и собрале ставови на граѓаните.

„Не само во полошкиот регион туку на ниво на цела држава забелешките кон присуството кон односот на полицијата се движат во таа насока дека полиција е помалце видлива помалце присустна на улици, не во сообраќајот, пешки, како реонски полицајци како позорникари. И тоа е нешто што повеќето граѓани односно сите во сите осум фокус групи без исклучок го бараат како промена во начин на работење“ – вели истражувачот Александар Стојановски.

Од тетовската полиција  велат дека патролните полицајци се на терен, градот е поделен на подсекторски реони каде што се патролира, но тврдат дека не може до толку често и во уште поголем број да бидат присустни низ улиците и маалата. Нивна препорака до граѓаните е да доставуваат до полицијата секоја можна информација за нелегално постапување што го прават другите луѓе.

„Во моментот имаме доволен број на полициски службеници иако никогаш не е доволно и секогаш е потребно повеќе и повеќе. Можеме да го покриеме целиот терен на градот и надвор од градот низ селата, меѓутоа и граѓаните треба во момент кога нема достапност до полицаец истото може да го стори на 192 пошто не може еден полицаец да биде истовремено на две места или три или повеќе. Затоа во тој контекст ќе бара на 192 и од таму ќе го распоредат полицаецот кај што има потреба граѓанинот“ – вели Фатмир Реџепи-СВР Тетово.

Истражувањето на организацијата покажува дека граѓаните сакаат полицајците да бидат повеќе професионални-со по отворен и по услужлив однос кон населението. 

„Посветеноста, довербата, ориентираноста кон потребите на граѓаните во интерес на заедницата, не го гледаат, цело време од полициските службеници. Тоа се кажувања на граѓаните на Тетово и на Тетовско“ – вели Стојановски.

Истражувањето покажало потреба што повеќе да функционира општинскиот Совет за превенција каде освен локалната самоуправа треба да членуваат претставници на полиција, државни институции како и месните заедници и граѓански здруженија.

Александар Самарџиев

Advertisements