Тетовскиот алпинист во Кахраманмараш спаси девојче заглавено седум дена под урнатините

Продолжува помошта од македонските граѓани за настраданите во земјотресот во Турција.
Тетовскиот алпинист кој учествува во потрагата и вадењето на лицата заглавени под урнатините во Турција, Надир Мурсели денеска од турскиот град Кахраманмараш испрати информација и фотографија за неверојатното спасување на преживеано десетгодишно девојче кое дури седум дена било под урнатитите.
Мурсели сам заминал во Турција каде се приклучил на спасувачи од Босна и Херцеговина. Оваа екипа заедно со турскиот тим АФАД успеале да го извадат преживеаното девојче.
-Околу 13 часот само што го извадивме девојчето Ирмак, голема радост имавме тука. Откога се слушна глас, три-четири часа работевме за да ја извадиме од урнатините. Големо чудо е како преживеала. Таа беше седум дена под урнатините, а зградата приближно е седум-осум ката, информира 45-годишниот Мурсели од Тетово.
Тој од 9 февруари е во подрачјата погодени од земјотресот во Турција, поточно во Кахраманмараш, на југоистокот од земјата.
Тетовскиот алпинист течно зборува турски јазик, па на екипата од Босна и Херцеговина, освен во пребарувањето урнатини, им помогнал и со преведување.
Спасеното девојче го посети и турскиот министер за здравство.
Тој на твитер информираше дека девојчето со хелихоптер сега е префрлено во болница во Адана.
Покрај девојчето кое речиси 150 часа било заглавено под урнатините, спасувачките екипи во провинцијата Хатај извлекоа и 35 годишен маж.
Турскиот потпретседател Фуат Октај изјави дека, според последните информации, во таа земја загинале 24.617 лица.
Досега е потврдено дека во Сирија загинале 3.575 лица, па вкупниот број на жртви во двете земји е зголемен на 28.192, пренесува „Танјуг“. Светската здравствена организација предупреди и на здравствена криза и ширење на колера. Во Турција и Сирија тлото и натаму не мирува. Десетина земјотреси се регистрирани и во текот на ноќта, а најсилниот бил со јачина од 4,3 степени.
Мери Ѓорѓиевска