Тетово останува најзадолжена општина, следат Охрид, Гостивар и Струга

Не само што не ги намалија, туку општините дополнително заглавија во долгови. Иако во 2018-та владата им даде пари за да покријат половина од 100-те милиони кои ги должеа по разни основи, ситуацијата е дури и влошена. На старите долгови оставени од претходните раковдства им се натрупаа и новите сметки за поскапи енергенси.

Голем дел од општините имаат блокирани сметки. И минусите на  јавните претпријатија само се продлабочуваат. Рекордер со најголем долг за струја е штипското јавно претпријатие „Исар“ од 600 илјади евра.

Општините преку ЗЕЛС побараа помош од Владата, но досега не добија ништо.

Меѓу четирите најзадолжени општини, неславен лидер е општина Тетово со долг од 13 милиони и 600 илјади евра на крајот на март годинава. Комуналното претпријатие од Тетово е најзадолжено јавно претпријатие во земјава, а ако се додадат и долговите на јавните претпријатија Градски Паркинг и општинските училишта, општината должи фрапантни 24 милиони евра. Градоначалникот на Охрид пак Кирил Пецаков предупреди дека Охрид може да остане без вода поради огромните долгови на ЈП. Само општината должи по разни основи 8 и пол милиони евра.

Општина Гостивар има достасани, а неплатени обврски во висина од 6 и пол милиони евра. Општинскиот долг е многу поголем ако се додаде оној на гостиварски Комуналец. На 4-то место по задолженост очекувано е општина Струга која должи 3,6 милиони евра. Градоначалникот Рамиз Мерко со години не само што не штеди, туку и троши на луксузи од типот на нови автомобили, ручеци и вечери од илјадници евра и други скапи јавни набавки. Дел од општините веќе почнаа да прават ребаланси на буџетите, односно да кратат од најважната ставка за капитални проекти, за да имаат пари да платат за струја.

Тања Попова