Тетово е еден од градовите во кои нема каде да се засолни жртва на семејно насилство

Семејното насилство како никогаш досега се пријавува во полиција, но во суштина неказнивоста укажува дека системот не наоѓа начин да ја надмине оваа проблематика. Бројот на пријави и понатаму се зголемуваат, суштинско решение нема. Тетово е еден од градовите во кои нема каде да се засолни жртва на семејно насилство.
Се додека институциите на системот служат како евиденција на случаите со семејно насилство, нема да има вистинско справување со оваа проблематика, сметаат и алармираат социјалните работници во оваа област. Главна потреба за промена е неказнивоста, но целокупната општествена поддршка кон жртвите поради нивна недоверба во системот.

Пријавувањето односно евиденцијата на ваквите случаи е речиси секојдневно.


Во изминатите осум месеци во СВР Тетово вкупно регистрирани, целосно расчистени и со соодветни поднесоци финално се заокружени 75 кривични дела поврзани со семејно насилство во кои вкупно биле инволвирани 80 сторители. Најголемиот број на кривични дела поточно 55, биле со нанесување телесни повреди на жртвите. Едно со убиство на родител, а преостанатите со загрозување на сигурноста на жртвите, изјави Марјан Јосифоски – портпарол на СВР Тетово

Голем дел кривичните пријави на суд поминуваат со условни казни па нема суштинско казнување на сторителите. Социјалните работници поради ова мака мачат како да ги охрабрат жртвите, пред се жените, да ја истераат целата постапка.

Заради целосната стигма од општеството, заради несигурноста на самите жртви во семејно и родово насилство често пати самите жртви се откажуваат текот на процесот и се враќаат повторно кај насилникот, изјави Моника Чекаловиќ – социјален работник

Токму во Тетово нема место каде би се засолниле жртвите на семејно насилство, што според социјалните работници треба да биде работа на институциите.

Ова се претежно финансирани советувалишта од надворешни фондации, а тоа не е трајно решение. Шелтер центарот е навистина потреба затоа што на ниво на Полошки регион нема шелтер центар, сето тоа ја отежнува самата постапка да жртвата која пријавила насилство а постои интервента потреба да се смести во определен шелтер центар мора да се носи надвор во други градови, изјави Моника Чекаловиќ – социјален работник

Во изминатите осум месеци полицијата евидентирала и над 206 случаи на поплаки поврзани со семејно насилство, кои содржеле психичко, физичко или економско малтретирање. 

Александар Самарџиев