Терминот „македонски“ како да е радиоактивен за македонските министри

Се срами или се плаши министерката за одбрана на социјалните мрежи да напише македонски национален идентитет? Славјанка Петровска наместо да ја напише придавката македонски, истата ја замени со емотикон со државното знаме на Македонија.

Нашата Охридската Архиепископија која е столб на национален идентитет, официјално е примена во канонско единство во сеправославниот христијански свет – напиша Петровска.

Скандал по скандал, избегнување да се каже Македонци, македонски, Македонија – од ден на ден се повеќе расте револтот кај граѓаните кои ваквото однесување го толкуваат како срамење од сопствената држава, па така, негативните коментари под објавата беа очекувани.

“Национален идентитет”??

Забрането ви е да кажите МАКЕДОНСКИ национален идентитет??

Министер за одбрана на НАШАТА ЗЕМЈА пушта стикери од државното знаме за да го избегне зборот МАКЕДОНСКИ !!!!!

Поголема багра од вас – АМИН

Каков е тој (знаменце) идентитет? Пиши го, одважи се кога веќе јадеш од наши пари. Пиши МАКЕДОНСКИ! Што ви е на вас бе, добри робови на сите, лоши господари на свој народ – реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

Од нејзиниот кабинет велат дека Петровска не ја избегнувала придавката, а подолу во текстот истата била напишана три пати. Сепак, и натаму е нејасно зошто во првиот пасус користи знаменце наместо „македонски“.

Прашањето е како да се очекува почит од соседите, кога дури и нашите владини претставници не покажуваат почит кон Македонците, македонскиот идентитет, Македонија? Па затоа не е за изненадување и последниот скандал со албанскиот премиер Еди Рама кој се пошегува со неговиот колега Ковачевски, дека бил премиер на идната Западна Бугарија. Ова, за претседателот на македонската влада беше смешно.

Поминаа три дена од овој скандалозен чин, но премиерот Ковачевски се уште не се одважи, да и објасни на јавноста што беше толку смешно. На твитер се огласи само Еди Рама, кој се оправда дека тоа било иронија и сарказам на сметка на Бугарија.

Но тој и минатата година со невкусни шеги ја понижи Македонија, и тоа среде главниот град. Еди Рама му држеше лекции на српскиот претседател Александар Вучиќ дека македонскиот бил нов јазик, а поранешниот премиер Заев и поранешниот градоначалник на Скопје Шилегов слатко се насмеаја.

Вучиќ: Еди, разбираш македонски… Рама: Само малку бугарски… Шилегов: Ќе научи, ќе научи… Рама: Македонскиот е нов јазик… Вучиќ: Такви се шегите на Еди… на сметка на Зоран.

Адријана Алексиеска