Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ отворен без присуство на министерката за култура

  И покрај претходно најавеното присуство, првата жена на културата кај нас, не се појави на свеченото отворање на најстариот, најпрестижниот и единствениот од тој тип фестивал на овие простори, МТФ „Војдан Чернодрински“. Според информациите на Алфа, долгогодишната практика – Фестивалот за отворен да го прогласува актуелниот министер за култура, била прекината заради партиските обврски на министерката, односно седницата на ЦО на СДСМ. Нејзиниот заменик бил во странство, а на отворањето бил испратен само шефот на Кабинет, но само како публика. Ама, затоа поздравното писмо за отворањето на Фестивалот, кое синоќа го прочита уметничката директорка на Фестивалот, Ана Стојаноска, министерката си го сподели дури претпладнево, на фб-страната на Министерството за култура.

    „Годинава сите се враќаме дома, во градот – театар. И, секогаш е пријатно кога сме свои на своето. Прилеп, македонскиот театарски центар и годинава ни ја покажува моќта на раскажување приказни преку театарската уметност.„Чернодрински” игра клучна улога во чувањето и промовирањето на македонскиот јазик, на македонското творештво и на културното наследство. Преку вашето творештво вие го развивате уметничкиот талент на нашата мајковина и татковина. Отворате социјален дијалог и ја кревате свеста за важни прашања од нашето заедничкo битисување“, напиша меѓу другото, министерката Бисера Костадиновcка – Стојчевска.

  Прашавме и во Министертсвото за култура – дали е точно дека министерката заради партиските активности во ЦО на нејзината матична партија, синоќа не се појави на овој исклучително важан, национален културен настан? Но, до почетокот на овие вести, оттаму одговор не добивме.

   Инаку, ова не е прв пат министерката да го избегне присуството на национален културен настан кој се одржува во Прилеп. Минатата година, при одржувањето на Меѓународниот карневал „Прочка“, министерката беше во работна посета на НУЦК „Марко Цепенков“. Меѓутоа, таа воопшто не изелезе од канцеларијата на директорката за барем да ја поздрави изложбата од маски која беше поставена во фоајето пред самата канцеларија и на која присуствуваа голем број ученици, наставници, родители, гости, a вклучително и градоначалникот Борче Јовчески.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста