Тајпеј: Кина да избегнува да биде „извор на конфликти“

Тајванската претседателка Цај Инг-вен денеска ја повика Кина да избегнува да биде „извор на конфликти“, нагласувајќи дека Тајпеј никогаш нема да предизвика ескалација на конфронтациите со Пекинг, но нема ни да потклекне пред неговите дипломатски притисоци.

Како што јави ДПА, во говор по повод Националниот празник на Тајван, Цај изјави дека нејзината „земја се соочува со променета динамика во  Индо-пацифичкиот регион и со позатегнати односи со Кина“.

– Ги повикувам влатите во Пекинг, како одговорна голема сила, да играат позитивна улога во регионот и во светот, наместо да бидат извор на конфликти, нагласи Цај.

Таа истакна дека како претседател сака да ги увери своите сограѓани дека Тајван „нема да презема дејствија што би придонеле за ескалација на конфронтациите, но оти нема ни да потклекне на притисоците“.

Цај нагласи дека унилатералната дипломатска офанзива и воените притисоци од страна на Кина влијаат негативно на билатералните односи и претставуваат „предизвик за статусот кво на мир и стабилност во Тајванскиот Теснец“.

– Најдобар начин да го одбраниме Тајван е да го направи неопходен и незаменлив за светот, порача Цај, додавајќи дека Тајпеј ќе продолжи да соработува со земјите „што ги споделуваат неговите демократски вредности“, како што се САД, Јапонија и Европската унија.