Тајните имоти на функционерите во фокус на пратеничките прашања

Aферите „Тајни имоти“  и  „Броило“во фокусот на седницата за пратенички прашања. Неконкретните одговори и тензичната атмосфера станаа традиција секој последен четврток од месецот – опозицијата критикува, парламентарното мнозинство се брани со напад. ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека премиерот дал точни информации за анкетниот лист и обвини дека буџетски пари се слеваат во фирмата на неговиот кум.

Зошто не кажете дека уделот во пиксел груп сте го поклониле, без надомест, на вашиот кум. Со тоа правите две проблематични ситуации во оваа држава, прво избегнувате данок, ако го продадевте по вредноста, треба да платите данок, а второ, суштината на целата афера за криење на имот, е токму тоа, што вие, му подарувате на вашиот кум удел во фирма, за да ви ја чува – праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

Се комплет што имам работено овие 22 години, затоа што јас немам работено во една компанија, јас сум бил и директор, и извршен директор, и главен директор, и сите тие работеле согласно сите закони. Јас во оваа држава, со сиот труд и соработниците сме стварале вредност, сме плаќале даноци, даноци од кои се плаќа плата, за такви како тебе што цел живот седиш на државна разноска – му одговори премиерот Димитар Ковачевски.

Критики стигнаа и од антикорупциска. Владата и раководителите да бидат поажурни во полнење на регистарот на лица кои треба да достават имотни листови.

Сакам да укажам до Собранието, но и да упатам апел до сите овие раководни лица, кои не се ажурни и не го полнат регистарот за избрани и именувани лица, а пред се Владата ќе ја повикам. Повеќепати е укажано и на премиерот и на генералниот секретар и на вицепремиерката, сите оние кои се именувани од страна на Владата треба да ја известат ДКСК и ние да го полниме регистарот – вели Ивановска.

Дека следи жестока дебата беше извесно уште на почетокот на седницата кога пратениците на СДСМ им доделија копии од договорот потпишан со фронтекс на опозициските пратеници.

На сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе им поделиме по еден примерок од договорот, на чист македонски јазик, рамноправен со сите европски јазици – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Пратениците да седнат на своите места – рече потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

Не ве разбрав, пратениците или предавниците да седнат, не ве слушнав убаво. Јас се чудам, затоа што сакав да праша, на кој јазик се потпишани сите договори помеѓу Македонија и ЕУ, поточно сите документи – му возврати координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Опозицијата им забележа и на министрите дека често доаѓале неспремни на седниците за пратенички прашања, и голем дел од одговорите наместо да ги дадат од говорницата, ги испраќаат писмено.

Адријана Алексиеска

Advertisements