Тачи: Нема хуманитарна криза во северно Косово, има неуспешна импровизација од Белград

Косовскиот претседател Хашим Тачи истакна дека во општините во северно Косово со мнозинско српско население нема хуманитарна криза, туку станува збор за „импровизација и тенденција“ на властите во Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Тачи, намерата на српските власти е да ги прикажат косовските Срби како жртви, поради таксата од 100 отсто што Владата на Косово ја воведе на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина.

– Хуманитарна криза во Косово нема. Многу е важно целиот демократски свет да ја препознае реалноста во северно Косово и оваа нова претензија на Србија е неуспешна. Косовската држава ќе ги исполни сите обврски кои ги има кон своите граѓани на целата територија на Република Косово, им изјави Тачи на новинарите во Приштина.

Во местата во северно Косово населени со мнозинско српско население денеска се затворени сите аптеки и трговските и угостителските објекти, а Здружението на стопанственици во Северно Косово најави дека тие нема да работат ниту утре, а веројатно и наредните денови.

Косовските власти и медиумите на албански јазик тврдат дека овие дејствија на локалните српски водачи, по инструкции на Белград и со логистика на криминалното подземје и на нелегалната организација „Цивилна заштита“, се со цел да се инсценира хуманитарна криза, што би требала да резултира со дестабилизација на земјата.