Тачи: Договорот од Преспа дава надеж дека Македонија се наоѓа на вистинскиот па вустински пат

Политичките состојби и односи во државата, регионот и состојбите во партијата беа главните теми во предновогодишното обраќање на претседателот на ДПА, Мендух Тачи денеска во Тетово.

Според Тачи, 2018 година била исто така тешка година како и многу години наназад. Но, за разлика од другите, според Тачи, Договорот од Преспа даде надеж дека Македонија се наоѓа на вистинскиот пат.

-Претходно ние бевме блокирани без перспектива и нефункционални, а сега по Преспанскиот договор постојат можности за развој и перспектива. Очекувам дека многу скоро преку реализирање на обврските на Преспанскиот договор со уставните промени тој да биде ратификуван. Очекувам истото ќе биде направено и од грчката страна со што ќе биде отворен нашиот пат кон ЕУ и НАТО, рече Тачи.

Во однос на состојбите во регионот тој посочи дека очекува претстојната година преговорите меѓу Косово и Србија да влезат во завршна фаза и Србија да го признае Косово со што тоа ќе добие право да стане дел од сите меѓународни организации.

Во однос на состојбите на државата во економијате и правата на Албанците, Тачи рече дека иако на многумина им изгледа дека има економски застој и нема развој на правата на Албанците во Македонија, двете состојби се поврзани со процесот на зачленување во ЕУ и НАТО, а со тоа и двете ќе имаат свој развој во следната година.

Околу партиските состојби, Тачи рече дека и покрај тешката состојба и повеќекратните предвидувања од аналитичари дека ДПА ќе престане со својата работа односно нема да функционира бидејќи е тешко повредена или ранета, реалноста е сосема спротивна, без разлика колку е тешко. Очигледно е дека нашите главни програмски определби се реализираат, а тоа е историскиот концепт од Скеднер бег до денеска, Албанците во Македонија да бидат дел од западот, ЕУ и НАТО. Ние ќе продолжиме со нашето политичко дејствување, некогаш ако треба радикално, некогаш ако треба конструктивно, бидејќи друг пат освен ЕУ и НАТО ние немаме со што ќе постигнеме Албанците да ги бранат своите права во Парламентот преку правото на вето за определени одлуки и правилна буџетска распределба за економски просперитет на сите.