Таткото на убиениот ракометар Тот: Очекуваме да се дознае вистината, животот ни застана

Трогателно сведоштво на таткото на убиениот ракометар пред Кривичниот суд. Да беше сега жив, мојот син попладнево ќе играше натпревар за РК Бутел, рече Игор Тот.

„Постојано сме на гробишта. Таму одиме по двапати на ден. Тешко функционираме, а особено тешко му е и на другиот наш син кој игра во Холандија, раскажа таткото на убиениот хрватски ракометар Денис Тот“, Игор Тот.

Тој во својство на сведок присуствуваше и беше испитан на денешното второ по ред судење за убиството на неговиот син, а најави и дека ќе бара отштета.

„Очекуваме да се дознае вистината, да видиме што било и како било. Сакаме да дознаеме дали обвинетите се виновни, а ако се виновни, тогаш сакаме соодветно да бидат казнети“ рече Игор Тот.

Адвокатите на одбраната, пак, велат дека ќе се обидат да докажат дека правната квалификација на кривичното дело за кое се товарат обвинетите не е одржлива.

Не може да стане збор за убиство, туку станува збор за некоја многу полесна правна квалификација. Сметам дека треба да се престане со праксата да во сите предмети кои се актуелни за јавноста на обвинетите да им се ставаат многу потешки правни квалификации од она што обвинителството може да го докаже и за што поседува докази изјави адвокат Бранкица Миланова

Тројцата осомничени изразија сочувство до семејството на Тот и кажаа дека немале намера да го сторат кривичното дело. Судењето за убиството на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, кој играше за РК „Бутел“, почна минатата недела кога обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска, и Андреј Костовски првпат влегоа во судница. Тројцата се изјаснија дека не чувствуваат вина.

Бојана Златкова