Таткото на прободениот полицаец открива детали за Алфа: Осомничените се обиделе да побегнат и направиле сообраќајка

Младиот полициски службеник Филип Филиповски остана без еден бубрег и слезина откако во петокот вечерта беше крвнички нападнат пред ноќен клуб во скопски Илинден. Од овој немил настан поминаа неколку дена, а до каде е истрагата се уште не е познато за семејството на Филип.

Неговиот татко, Гоце Филиповски, пред камерата на Алфа откри дека осомничените за немилиот настан откако го прободеле неговиот син се дале во бегство, а веднаш потоа направиле сообраќајка. Овие детали за пресметката која го доведе животот на Филип во опасност, за јавноста не беа познати, бидејќи МВР не ги објави во дневниот билтен.

-Кога дојдовме на местото на настанот беше присутно само нивното возило Рено Сеник, со кое што се обиделе да избегаат и со кое направиле сообраќајка во обидот за бегство веднаш само што тргнале удриле во друго возило. Меѓутоа досега ниту беше споменато ова со возилото, вака официјално не прочитав никаде. Полиција имаше, кога дојдов на лице место јас го консултирав  едниот полицаец, тој ми рече оди во возилото кај другиве колеги, да ми кажат што е со Филип. Оние стоеја тука го обезбедуваа возилото, вели Филиповски за Алфа.

Откако Алфа постави прашање до МВР, тие потврдија дека имало сообраќајна незгода и возилото било крим технички обработено.

Осомничените за кривичното дело во Марино се синови на поранешниот градоначалник на Петровец, а сега советник на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Звонко Цветковски вели дека тие не го направиле делото кое е направено, велејќи дека биле повредени во тепачка, за која пак таткото на Филип вели дека воопшто ја немало, потенцирајќи дека тие можеби биле повредени во сообраќајката.

 -Тепачката воопшто ја нема. Значи не постои тепачка со син ми во оној момент кога се случи немилиот настан. Значи кога го прободеле со нож, немало тепачка, туку имало вербална расправија, изјави Ѓоко Филиповски.

Филиповски вели дека сведоци на настанот има, но кај нив постоел страв да излезат јавно да кажат кој е.

-Значи целта ми е да се охрабрат  тие што виделе, а виделе, значи ги виделе двајцата нив, синовите на Звонко. Значи не виделе некој друг, зошто не споменам некое трето, четврто, петто лице. Тие двајцата учествувале во расправијата и едниот од нив како што посочија, меѓутоа се плашат луѓето да излезат пред камера, да излезат јавно да кажат кој е, знаејќи дека може утре и на нив да им се случи истото. Значи постои страв, изјави Филиповски.

Како што не информираше таткото на Филип, состојбата на неговиот син е подобра, но неговиот живот се уште е во опасност.

Матеја Петровски