Талибанците негираат дека се вмешани во самоубиствениот напад во Кабул

Талибанците соопштија дека не се вмешани во вчерашниот самоубиствен напад во Кабул, при што загинаа 55 лица, а над 70 се повредени.

Нападот беше насочен врз религиозна церемонија на која учествуваа стотици авганистански улеми (теолози).

Портпаролот на талибанците синоќа изјави дека неговата група ги осудува нападите врз цивили и врз духовни лица.

Бомбаш самоубиец вчера активира експлозив во сала каде се одбележуваше раѓањето на пророкот Мухамед.

Такви напади организира локална група поврзана со Исламска држава, чии мети се припадниците на шиитското малцинство, како и поддржувачите на авганистанската Влада.

И талибанците и ИД имаат за цел соборување на Владата во Кабул и воведување на шеријат. Најчеста мета на талибанците се припадниците на авганистанските безбедносни сили и владини претставници. Додека ИД најчесто напаѓа цивили.