Талат Џафери не се извини: Пратениците на опозицијата го пречекаа со пароли од неговите пцовки

Талат Џафери во Собранието го пречекаа пароли со неговите зборови и пцовки, кои ги упати кон обичните вработени во Собранието. Извинувањето кое го бараат пратениците на опозицијата, како кон вработените во собраниските служби, така и кон сите граѓани, од Џафери не дојде. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Џафери, не само поради скандалозните зборови, туку и поради средба со делегација во која учествувал и чеченски политичар, поранешен пратеник во руската Дума и соработник на режимот во Кремљ.

-Има ли некој функционер во демократска земја кој навредува вработени и после тоа не понесува одговорност? Одговорот е нема друг освен Џафери. Срамно е што државните институции молчат за скандалот кој го предизвикал Талат Џафери среќавајќи се со безбедносно-интересно лице од Чеченија. Неодговорно е од Ковачевски, Пендаровски и Спасовски да молчат за средбите на нивниот Талат Џафери со лицето кое е основач на здружението „Муслиманите со поддршка за претседателот Путин”, изјави Ковачки. 

Наместо извинување, Џафери на седницата објаснуваше зошто 10 дена не беше закажано продолжението на собраниската седница и реши да ја нападне опозицијата, бидејќи барала продолжение на седницата преку прес конференција.

-Факт е дека пред патувањето во Германија, имавме договор да не одржиме седница до 25-ти, меѓутоа факт е дека во текот на една прес конференција, како што се навикнале со комуницирање преку Фејсбук, имаше прес конференција во Собранието и од мене побаравте да продолжиме со работа, се разбира дека одговорот во петокот беше дека денес продолжуваме со работа, по ваше барање преку прес конференција, Џафери.

Поради мирот во коалицијата Талат Џафери не беше нападнат од премиерот Димитар Ковачевски. Иако јасно е дека тој говори во објавениот скандалозен материјал, Ковачевски порача дека од објавеното аудио не можеме да видиме кој со кого зборува.

Сега се чека свикување на комисијата за етика каде ќе разговара за однесувањето на собранискиот спикер. Кога истата ќе биде свикана не се знае, нејзиниот претседател Панчо Минов вели имал пет дена.

Матеја Петровски