НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тадиќ во Скопје говореше за српската ЕУ судбина: Очекувале членство уште по падот на Милошевиќ, а не се членка ни две децении подоцна

Европската Унија е во фаза кога проширувањето не е им на врвот на агендата, внатрешните реформи се многу поважни за големите европски сили, па поради тоа се поставува прашањето дали нови членки на Унијата е она за што размислуваат европските лидери.

Што може да ја очекува Македонија ни кажа поранешниот српски претседател Борис Тадиќ. Говорејќи за нивнот искуство кажа дека очекувале членство уште по падот на Слободан Милошевиќ, но тоа го нема ниту две децении подоцна. Сепак верува дека западниот Балкан ќе се интегрира во ЕУ, бидејќи безбедна и силна Унија не можело да има без овој регион да е дел од нејзе.

-Тука е слабата точка на европската безбедност. Во спротивно не мислам дека Европа ќе биде доволно безбедна и силна за соочување со предизвиците во иднина. Само интегрирана Европа ќе биде во можност да биде конкурентна глобално, изјави Тадиќ.

Да веруваме во членство во ЕУ, но сериозно да се зафатиме со делот на реформите, ни порача поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов. Во моменти кога нашите власти не убедуваат дека само уставните измени ни се потребни за европскиот пат, тој го спомена примерот со неговата држава- дека реформите се најважниот сегмент за евроинтеграциите, дел кој што го поминала и неговата држава.

-Десет години подоцна Бугарија се приклучи на ЕУ и најчестото прашање од моите луѓе беше кога ќе завршат реформите. Мојот одговор беше никогаш, бидејќи и по членството во ЕУ ние моравме да продолжиме со реформите, практично во секоја сфера. За да бидете компетитивни, практично мора да се реформирате секој ден. Затоа, сакам да кажам дека во Македонија, не треба да губите верба дека Македонија ќе биде членка на ЕУ. Тоа е сигурно. Сите веруваме во тоа, изјави Стојанов.

Во однос на евроинтеграциите јасно е дека големо влијание има и состојбата со војната во Украина. Според поранешниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов, на светот во овие моменти му требаат лидери кои ќе работат на смирување на состојбите.

На светот денеска му се потребни лидери посветени на мирот како што беше Џон Кенеди, неопходни ни се граѓани на светот посветени на мирот и грижата за бедните како што беше Мајка Тереза. Но, ни требаат и луѓе кои и покрај сите предизвици со кои се соочуваме знаат да ја слават радоста, изјави Иванов. 

Иванов беше домаќин на неколку поранешни претседатели на државите од регионот, на Форумот за културна дипломатија. Покрај Тадиќ и Стојанов, во рамките овој форум свои обраќања имаа и Иво Јосиповиќ, Бамир Топи и Младен Иваниќ.

Матеја Петровски