Табла со Северна Македонија ставена на владата

Нова табла осамна во вечерните часови на владината зграда на Илинденска ББ. Таблата со новото уставно име е поставена еден ден пред посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, прв грчки премиер кој доаѓа во официјална посета на државата од осамостојувањето, па Заев ќе го пречека со табла на која пишува ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.
Претходно на врвот на зградата стоеше натпис Влада на Република Македонија, но буквите беа симнати на 11-ти февруари, откако Собранието го смени уставното име по Преспанскиот договор. Во духот на договорот од Преспа, беа сменети сите имиња на државните институции каде стоеше терминот “македонски”, па скоро ја добија претставката национални.
Инаку грчкиот премиер во пресрет на посетата на Скопје во интервју за МИА меѓудругото, испрати порака дека двете земји треба да изградат доверба, а како што вели, Северна Македонија треба да гледа напред. Ципрас вели дека на регионот му е потребна соработка и стабилност, а нашата држава имала потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.
Посетата на грчкиот премиер Ципрас и бројната економска делегација која треба да пристигне со него во Скопје, утре ќе предизвика и посебен режим на сообраќај во главниот град, кој ќе трае од 9 часот утрото, па до 20 часот вечерта. Од МВР побараа граѓаните да се придржуваат до сообраќајниот режим ,но не изнесоа детали кои улици ќе бидат функционални.

Мери Ѓорѓиевска