Табла, празно градилиште и неостварено ветување-ништо ново од фамозните автопати на „Бехтел и Енка“
Онаа старата дека „Ветувањето е само за лудиот радување“, како да си најде своја примена и во (не)реализацијата на фамозниот проект наречен „Коридор 10Д“. На т.н. траса – ништо ново што би укажало дека тука нешто навистина се работи. Впрочем, слика иста како и на Коридорот 8. Останати се само таблата, празното „градилиште“ за еднократна употреба и оптимизмот на Владата, кој деновиве е платен и со втора транша пари за работа која не ни почнала да се работи.
И додека се чека градежните работи конечно да станат видливи за јавноста, кон крајот на јуни, Министерството за транспорт и врски од државниот Буџет му исплатило на ЈП за Државни патишта уште една тура пари во висина од 53,33 милиони евра, средства кои потоа одат на сметката на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на двата коридори. Ова е втора трансакција за потребите на изведувачот, по онаа од април во висина од 117 милиони евра, така што досега на „Бехтел и Енка“ вкупно им се исплатени повеќе од 170 милиони евра, за работи кои на терен, барем засега, се само едно празно множество.
Од друга страна, според Платформата „Отворени финасии“, со Програмата за финасирање на патна инфраструктура за Проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, за 2023 година, втората трансакција треба да изнесува околу 50 милиони евра. Но, Министерството исплатило дури три милиони евра повеќе од претходно предвиденото, што пак, повторно го отвора прашањето – дали навистина изградбата на овие коридори вкупно ќе чини 1,3 милијарди евра или пак, многу повеќе?! Ова, особено ако се има предвид и фактот што според овој документ, до крајот на годинава, предвидено е на „Бехтел и Енка“ да им се исплатат уште две транши пари во вкупна вредност од околу 250 милиони евра.
Инаку, како што веќе е познато, фамозната табла за Коридорот 10Д беше откриена на 12 мај, во присуство на цела владина свита. А најодговорниот за овој таканаречен „национален стратешки проект“, првиот вице-премиер Артан Груби, тогаш порача дека овој проект сега немало никој да го запре и дека оваа иста Влада ќе била онаа која што по пет години ќе ги пресече лентите за пуштање во употреба на овој Коридор.
„Овој проект продолжува и сите влади, а следната Влада секако ќе биде истата која што е и оваа денес, ќе го заврши овој проект, ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе се возат по нив….“, – кажа АРТАН ГРУБИ, прв вице-премиер (12.05.2023).
Колку за потсетување, автопатската делница од Коридорот 10Д треба да биде готова за 57 месеци и според пресметките, за 39,3-те километри, по цена на чинење од 12 милиони евра од километар, таа би чинела околу 472 милиони евра, а за која засега, нема ниту конечен проект, ниту означена траса, ниту пак се знае до каде е експропријацијата на земјиштето во плодната Пелагонија.
Каролина Дурло