Сè повеќе сиромашни – секој петти Македонец едвај врзува крај со крај

Заборавени од државата, игнорирани од општеството. Ги има се повеќе, а ги забележуваме се помалку. Секој петти Македонец едвај врзува крај со крај. Стапката на сиромаштија има тенденција на зголемување во последните три години. Според официјалната државна статистика во 2017-та 460 илјади луѓе или 22.2% од населението било сиромашно што е за 0.3 проценти поени повеќе од 2016-та и за 0.7 повеќе од 2015-та.

За Министерството за труд и социјала проблемот не бил во актуелната туку во претходната власт.

Воведуваме гарантираната минимална помош и неколку нови надоместоци, но истовремено градиме способна и продуктивна работна сила, преку преквалификација на лицата кои се невработени“ велат во Министерство за труд и социјална политика.

Сепак, според официјалните податоци дури и дел оние кои имаат работа се сиромашни или поточно – 9.0% од вработените, 38.7% од невработените и 7.7% од пензионерите живеат во сиромаштија.

Она што не го прави државата го прават граѓаните. Социјалната помош е далеку од доволна, а често и не стигнува на вистинската адреса, објаснуваат во хуманитарната организација Свети Спас која им помага на најсиромашните.

„Има многу луѓе кои одвојуваат од своите скромни примања кои што донираат во хуманитарната организација… Ние сме тука да помогнеме“ вели Отец Оливер Петровски од хуманитарната организација Свети Спас.

Намалувањето на сиромаштијата беше едно од главните ветувања на СДСМ пред да дојдат на власт.

Во програмата „Живот за сите“ стои дека стапката на сиромаштија ќе се спушти под 16% до 2020-та. Но, две години по ова ветување официјалната статистика покажува дека наместо да се намалува таа се зголемува.

Никола Крстиќ