Суд: Асанж виновен за кршење на правилата за ослободување со кауција

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж денеска од Вестминстерскиот суд беше прогласен за виновен за кршење на условите за ослободување со кауција, за што му се заканува максимална затворска казна од 12 месеци.

Судијата рече дека Асанж повторно ќе биде изведен пред судот на 12 јуни, кога ќе се разгледа барањето на САД за неговата екстрадиција.

Асанж, кој беше уапсен денеска во амбасадата на Еквадор во Лондон, се изјасни дека не е виновен што не им се предал на судските органи.

Основачот на Викиликс се појави на суд во Лондон, бидејќи таму се разгледува барањето на САД за негова екстрадиција поради кривична пријава за објавување на десетици илјади тајни владини документи.

Адвокатот, кој ја претставува американската администрација, изјави дека Асанж бил уапсен врз основа на два налога – прво затоа што тој не се појавил пред судот, а второ затоа што тој извикал: „Ова е нелегално, не одам!”

Адвокатот на Асанж истакна дека тој немал шанса да се брани пред укинувањето на азилот и дека судијата во тој случај бил пристрасен.

По пристигнувањето на суд, Асанж ги поздрави неговите поддржувачи кои ја зазедоа јавната галерија во Вестминстерскиот суд и им покажаа подигнат палец. Тој, облечен во црн костим и „поло” маица, седеше мирно и ја читаше книгата на Гор Видал, американски писател, кој беше познат по острата критика на американската политика, додека ги чекаше неговите адвокати.

Асанж беше уапсен откако Владата на Еквадор го укина азилот.

Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, рече дека неговата земја го укинала азилот на Асанж откако повеќе пати ги прекршил меѓународните конвенции.

Во амбасадата на Еквадор, Асанж беше од 2012 година за да се избегне екстрадиција во Шведска, која го товареше за сексуална злоупотреба.

Асанж ги негира обвинувањата и стравувања дека Шведска ќе го предаде на американските власти за да се соочи со нивните обвиненија за откривање на воени и дипломатски документи.