Судски Совет: За сега нема депонирано други оставки

За сега никој од актуелните членови на Судскиот Совет не поднел оставка. По двете оставки на врховната судијка Мирјана Радевска Стефкова и Зоран Герасимовски од скопска Апелација, до претседател Сашко Георгиев нема депонирано други оставки, велат од Судскиот Совет за Алфа – откако Коалицијата „Сите за правично судење“ најави дека и други членови од сегашниот состав сакаат да го напуштат највисокото судско тело. 

  • Оставките се личен чин, но за сега, нема депонирани оставки. Напротив, во Советот преовладува ставот дека во овој момент не е време за оставки, со оглед на тоа што со  последната препорака на  Владата, конечно е надминат проблемот со полагањето на психолошки тестови и тест за интегритет. Тоа треба да отвори пат за избор на 30 академци, како и на 8 судии во Апелациониот суд во Скопје. Воедно, во тек е  постапката за оценка на судиите, а распишан е оглас и за избор  на двајца нови членови  од редот на судиите од Врховниот суд и  од Апелационото подрачје во Скопје, по неодамнешните оставки на судиите Мирјана Радевска Стефкова и Зоран Герасимовски. Комисиите работат и на предмети за утврдување на одговорност на судии“, дополнуваат од Судскиот Совет, велат од таму за Алфа ТВ.

Ивана Петковска од Коалицијата „“Сите за правично судење“ вели дека по двете оставки има и други најави за напуштање на Советот. Од таму се децидни дека ова е единствениот начин судството во целина да излезе од ситуацијата во која се наоѓа.

  • „Очигледно е дека и самите судии, според последното објавено истражување, велат дека немат доверба во Судскиот совет, односно три од четири судии сметаат дека изборот и разрешувањата на судиите не е соодветно на законот. Имајќи предвид дека ова истражување е од 2022 г., може само да претпоставиме доколку сега било направено истражување какви би биле резултатите после сите случување што ги имавме во Судски совет. Ние и понатаму ќе правиме притисок во насока на тоа дека сите членови на Судскиот совет треба да си дават оставка и воедно да бидат избрани нови членови на Советот што ќе имаат интегритет и ќе вложат напори за да ја вратат довербата во Судскиот совет – пред сè од судиите, но и од граѓаните, затоа што ако судиите немат доверба во Судскиот совет како ние обичните граѓани да имаме доверба“,рече Петковска во емисијата „360 Степени“ на Алсат тв.

Коалицијата „Сите за правично судење“ и речиси сите правни експерти постојано укажуваат дека актуелниот состав на Судскиот совет е нелегитимен и врз основа на тоа не може да ја штити судската независност.

Дека ситуацијата е таква, покажа и последната анкета на ОБСЕ и Антикорупциската комисија спроведена помеѓу судиите и обвинителите кои не им веруваат на највисоките органи во правосудството, Судскиот и Советот на јавни обвинители.

Над 70 отсто од анкетираните велат дека Судскиот Совет работи за лични и партиски цели, а не е заштитник на независноста на судството што му е основна функција. Освен тоа, во анкетата спроведена анонимно, 32 отсто од анкетираните  судии почувствувале или се нашле под притисок на членовите на Судскиот совет.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста