Судскиот Совет си тера по свое, власта си молчи – ќе проработи ли совеста?

Има начин како да се реши состојбата со Судскиот совет, но власта очигледно нема волја, посочуваат упатените. Парламентот може да ги отповика тројцата членови кои ги предложи, а и претседателот Стево Пендаровски да го направи истото со двајцата членови кои се негов предлог, појаснува новинарот Саше Димовски. Останатите две оставки заедно со овие пет, веќе се мнозинство за распуштање на целиот совет, објаснува Димовски.
„ Ако тоа не го пишува во законот, не го пишуваше ниту разрешувањето на Весна Дамева на кое беше извршено па еве функционира со нов претседател, истото да го направи Парламентот, да достави барање за разрешување на тројцата членови. Само така можеме да зборува дека нешто би се променило во Судсксиот совет, со ваквото однесување на овие членови не можеме да направиме ништо“, вели новинарот Саше Димовски.
Невладините се надеваат на совеста на членовите. Од Коалиција за правично судење сметаат дека треба да се самораспушти советот.
„Да се направи нов совет, со законски измени да се зајакне контролната улога на советот. Имаме две опции, членовите сами да поднесат оставка, или државата да донесе закобн да се распушти советот“, вели Дарко Аврамовски, директор на Коалиција за правично судење
Со овој став и ваквото однесување на членовите на Судскиот совет нема напредок ниту можеме да очекуваме позитивни промени во правосудството, реагира експертската јавност и на социјалните медиуми.
Бурни реакции имаше и од меѓународниот фактор кој будно го следи циркузот во Судскиот совет со смената на сега веќе порашената претседателка Весна Дамева. Уште поголем циркуз јавноста виде кога членовите утврдуваа дали има судир на интереси во предмети каде сопругот на Дамева се појавува во својство на оштетен, а штетата изнесува 1 милион и 300 илјади евра.
Минатата недела, двајца членови дадоа оставки со образложение дека советот не бил функционален и имало нарушени меѓучовечки односи.
Реакциите како да не допираат до членовите на судскиот совет. Власта си молчи, а советот си тера по свое.. Минатата надела на седницата советот распиша избор за нови двајца членови. На истата седница беше избран и заменик-претседател на местото на досегашниот Селим Адеми кој оставка поднесе по драматичното разрешување на Дамева. Халиф Зендели беше избран со еден глас против и вети дека ќе треба многу работа за да се враќа нарушената доверба во судството.
Паула Костадиноска