Судиите согласни: Потребни се реформи во судството, свесни сме за недовербата од граѓаните

На судството во Македонија му се потребни реформи за поправање на неговата слика како пред граѓаните, така и пред меѓународниот фактор, ваков е ставот на судиите во нашата држава. Судијката од Кривичен, Мирјана Лазаревска Трајковска, не гледа големо поместување во судството во последните две години, таа вели дека очигледни се проблемите во однос на непостапувањето според принципот на правично судење.

-Ние се уште имаме проблеми со необразложени судски одлуки, се уште имаме проблеми со нееднаков пристап кон страните во постапката, па се дава приоритет најчесто на Обвинителството визави другите страни. И се уште имаме проблем со многу честото посегнување во притворот, наместо да се применуваат други мерки, изјави Лазаревска Трајковска.

Врховниот судија Џемали Саити пак вели дека има недостатоци во правосудниот систем, кои се и запишани во извештаите на меѓународните институции. Според него тие лоши делови треба да се анализираат.

-Има забелешки кои упатуваат на тоа дека треба да се коригираме. Попрецизно ќе кажам дека се уште се нотирани забелешки во однос на корупцијата, забелешки во однос на неказнивост и некои други забелешки, кои се однесуваат на функционирање на системот правосуден, изјави Саити.

Еден од најгорливите проблеми во судството во Македонија е недовербата која граѓаните ја имаат кон него. Судиите се свесни за овој проблем и порачуваат дека мора да се поработи на реформите, како би се поправила оваа слика.

-Јас сум свесен дека имаме проблем со довербата, не прв пат го кажувам ова, многу пати го кажувам, изјави Саити.

-Судството беше ставено во положба да трпи спроведувањето на правдата и правдата треба да биде видлива. Правдата не треба да биде само како проформа изразена. Тоа е она што недостасува во оваа цела работа, изјави Лазаревска Трајковска.

Иднината на СЈО е најактуелна тема во овие моменти во правосудниот систем. За обвинителството на Катица Јанева, Врховниот суд донесе начелно правно мислење дека не може да поднесува обвиненија по истекот на рокот од 18 месеци, Саити вели дека тоа е една од причините, поради кои, пресудите би можеле да паднат пред меѓународните судови.

-На никаква страна не сме застанати, ние сме застанати на страната на одлуките кои треба утре да бидат проверени од страна на повисоките судови, повисок суд е Европскиот суд за човекови права и сметаме рокот од 18 месеци е истечен, изјави Саити.

Подобро функционирање на судството вчера побараа и германските инвеститори. Како главни проблеми за работата тие ги посочуваат корупцијата, криминалот, правната несигурност.

Матеја Петровски