Судиите не веруваат дека новиот закон ќе ги направи слободни и независни

Меѓународните институции контра најавата на премиерот Зоран Заев за реизбор на судиите. Министерката за правда, Рената Дескоска, кажа дека до такво нешто нема да дојде во новиот Закон за судови, кој оваа недела Владата ќе го пушти во собраниска процедура, бидејќи во документите од релевантни меѓународни институции изрично стоело дека оваа најава на Заев не треба да се случува во Македонија.

-Реизбор на судиите не е предвиден, со оглед на тоа што вас ви се јавно познати документи кои што се дадени од релевантни меѓународни институции , вклучувајќи ја Европската комисија, извештајот на Прибе, каде што во некои изрично е наведено дека тоа не треба да се случува во Република Македонија, изјави Дескоска

Клучните измени во Законот за судови ќе бидат во делот на санкционирањето, односно дисциплинската одговорност кај судиите. Новиот закон нема многу да помогне да се обезбеди слободата и независноста на судиите, многу поважно во оваа насока е нивниот интегритет, смета претседателот на Здружението на судии и судија во Врховниот суд, Џемали Саити.

-Законот ја подигнува рамката за да се обезбеди слобода и независност, но никогаш не е доволно независност. Значи, сепак останува својот дел да си го исполнат судиите, тоа е прашањето на интегритет, изјави Саити.

Текстот од Законот за судови е испратен до Венецијанската комисија, која на седница оваа недела ќе треба да се произнесе околу него, додека пак оној од Законот за судски совет до комисијата ќе биде пратен откако ќе биде усвоен.

Матеја Петровски