Струјата ќе поскапи, цените на берзите нема драстично да паднат

Нов ценовен шок за граѓаните. Сите се согласни – струјата ќе поскапи, но се уште не се знае за колку. Енергетските компании треба до крајот на месецов да ги достават пресметките до Регулаторната комисија. Цените на берзите се движат до кај 250 евра за мегават час.ЕВН ХОУМ иЕлектродистибуција денеска ги доставија своите трошоци до Регулаторна. Засега се знае дека преносниот оператор МЕПСО ќе бара нагорни корекции во цената, но колкаво ќе биде тоа ќе се знае дури по завршувањето на калкулациите. Аналитичарите тврдат дека поскапувањето на струјата ќе биде типично политичка одлука, односно ќе зависи од тоа колку Владата е подготвена да ги субвенционира операторите. Алармираат властите добро да размислат, бидејќи оваа помош ќе ја дадат преку нови задолжувања кои ќе паднат на грбот на граѓаните и стопанството.

Регулаторната комисија веќе најави дека се подготвува нов тарифник за потрошувачите. Ќе има неколку нивоа на тарифи – оние што трошат повеќе , ќе плаќаат поскапа струја, а оние што трошат помалку ќе имаат пониска цена. Се уште се прават пресметки до кој обем на потрошувачка да се определат праговите за висината на цените. Експертите велат дека за да се направи нов тарифник треба добра анализа на потрошувачката на струја по различни категории.

Регулаторната комисија за енергетика ќе ја објави новата цена на струјата кон крајот на следниот месец. Новата цена ќе важи за втората половина од годината.

Тања Попова

Поврзани вести