Струјата дефинитивно ќе поскапи, неизвесно за колку

Сè уште не се знае колку ќе поскапи струјата. Се ќе зависи од тоа колку струја ќе можат да произведат државните електрани– вели Вицепремиерот за економски прашања  Фатмир Битиќи. Колкава ќе биде финансиската инјекција од Владата за  да ги помогне енергетските компании и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните ќе се знае по ребалансот на буџетот. Битиќи тврди дека треба точно да се знае колкава побарувачка има ЕВН и колку од количините може да покрие ЕСМ, дали минималните 60% или повеќе. Засега остануваат мерките за 5% ДДВ на струјата до крајот на годината и за помош при плаќање на сметки на социјално загрозените семејства.

„ЕСМ го има планот за производство, но не знаеме колкави се побарувањата на ЕВН. ЕВН треба да дојде со проекција, да се стават сите параметри на маса за да може да се одреди колкава е потребата за интервенција“ – вели Битиќи.

За помош на енергетските компании, но и вкупното стопанство и граѓаните Владата веќе најави дека ќе се задолжува на финансиските пазари. Се уште нема одговор од мисијата на ММФ која беше во посета на Македонија и ја скенираше економијата. Во игра е задолжување до 900 милиони евра од ММФ, но Битиќи сега тврди дека Владата не се откажала ниту од издавање еврообврзница.

„Да почекаме уште некој ден. Се надевам дека за десетина дена ќе дојде ребалансот на Влада. Тогаш ќе имате одговор и колку пари се бараат како еврообврзница, колку од ММФ, колку од други извори“ – рече вицепремиерот Битиќи.

Аналитичарите веќе алармираа дека одлуката околу поскапувањето на струјата ќе биде чисто политичка одлука, односно претпазлив потег за да не се удри премногу по џебот на граѓаните и да се задржат идните гласачи. И додека сите апелираат да се штеди струја бидејќи нема во догледно време да поевтини, загубите во електродистрибутивната мрежа секојдневно растат. Лани загубите ги чинеле граѓаните дури 100 милиони евра поради кражби на струја, неовластено користење и копање криптовалути.

Тања Попова

Advertisements