Струјата ги „изгоре“ па порасна интересот за фотонапонски централи во Штип 
На триесет фабрики во Штип локалната самоуправа издала решение за поставување на фотонапонски панели на кровните конструкции. Користењето на алтернативната енергија донесе поволности и за сопствениците на дивоизградени објекти од лесната индустрија. Со последните измени во Законот за градење, ќе може да ги легализираат, но ќе мора во рок од една година да постават фотонапонски панели.Ова ќе важи до 26 јануари, наредната година..
„ Доколку ги исполнуваат стандардите согласно дефинираниот урбанистички план за предвидената градежна парцела , можат да поднесат барање за добивање на одобрение за градење за бесправно изградениот објект. Со тоа што ова барање можат да го поднесат во рок од три месеци„изјави Лазе Хаџиниколов од Одделението за урбанизам при Општина Штип.
Енормниот скок на цената на струјата, пред свршен чин ги стави компаниите. За да го издржат енергетското цунами единствен спас им е поставување на панели. Од Текстилниот кластер укажуваат дека треба да се направи олеснување на постапката за добивање на дозволи.
„Таа инвестиција ќе треба време за да се врати. Се зависи од цената на струјата. Ние бевме доведени во ситуација да поставиме инаку ќе моравме да ја затвориме фирмата. Таква е ситуацијата во повеќето фирми. Толку беше фрапантен тој скок во цените„-изјави Кире Нашков од Текстилниот кластер.
Малку помал е интересот за поставување на вакви електрани на земја. Досега Општина Штип има издадено дваесетина одобренија, најчесто на земјиште во приватна сопственост. Најголемата централа во атарот на Штип е со моќност од 8 мегавати.
Александра Ристевска