Структури во МВР и СДСМ водат битка врз грбот на Спасовски – дали Несторовска ќе биде нов министер на МВР?

Владата нема да се реконструира ама министри ќе се менуваат. Повеќепати најавената корекција на главните играчи во кабинетот на Заев, дефинитивно ќе се случи, но кого се ќе опфати е се уште отворено. Кои министри ќе станат минато во кабинетот на премиерот, од Илинденска не одговараат. Владиниот портпарол за Алфа вели:

Влада не е адресата за ова прашање. Ве упатувам на политичките субјекти кои ја сочинуваат владината коалиција.

Тактизира и премиерот кој периодов на јавни настапи потврдува промена на министри, но не ги открива персоналните решенија.

Во отсуство на конкретни информации, се погласни се гласините за одредени смени на министерски позиции. Па така гласно се шпекулира дека актуелната државна секретарка за внатрешни работи Магдалена Несторовска ќе станела нов министер во овој ресор. Неофицијално  битката околу позицијата на министерот Спасовски се води од два фронта и во СДСМ, но и внатре во МВР. Несторовска е стар проверен кадар на Владо Бучковски, кој пак беше заслужен за првата градоначалничка кандидатура на сега актуелниот премиер Заев.

Магдалена Несторовска како човек од доверба на Бучковски, ја доби позицијата државен секретар во министерството за одбрана кога на негово чело беше токму тој. Во техничката Пржинска влада, Несторовска беше  шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, а пред да ја добие државната функција, државен секретар на МВР, беше  координатор на советничката група во општина Карпош.

МВР во повеќе наврати е мегдан за препукување во власта. Струите во владејачката партија се кршат врз грбот на министерот Спасовски,  си префрлаат одговорност и бараат алиби за сериозните пропусти и грешки.