Стрес и нервози: Проблеми со уписите во средните училишта

Уште не почнат уписот, веднаш проблеми. Полу-матурантите не можат он-лајн да аплицираат за упис во средно училиште. Стрес и нервоза за родителите но и за наставниците. Никој не може да ја отвори интернет страницата на која е објавен електорнскиот дневник, во кој пак треба да ги има внесено крајните оценки за завршено деветто одделение. Родителите гневни, рокот за аплицирање почна да тече, а процедурата е нефункционална. Социјалните мрежи вријат. Мајка на деветто одделенец пишува дека министерството за образование си игра мајтап со нив.

„За министерството и бирото за развој на образованието да го „ублажи“ проблемот, вика: може да аплицирате и со слика од е-дневник од оцените од 9то одделение. Така де со принтскринЧЕ. Ама е-дневникот не функционира, ние родителите не може да се вклучиме, но и наставниците не може да се вклучат веќе два/три дена за да ги впишат оцените“ – Напиша мајката Марта Николовскa на Фејсбук.

Таа додава дека дури и хартиените свидетелства не се доставени навремено до наставниците и дека од годинава има и дополнително свидетелство, но, дека никој не знае како да го пополни затоа што за него, се уште нема инструкции. Имајќи го во предвид продолжениот викенд, а со тоа и веројатноста дека проблемите со уписите не ќе можат да бидат решени пред почетокот на следната работна недела, испративме прашања до министерството, за тоа, дали ќе преземат чекори за решавање на проблемот со електронските уписи, како и дали поради нефункционалноста на новитетот, ќе го продолжи рокот за поднесување на апликации? Засега, оттаму немаме добиено одговори.

Според досегашните информациите од министерството за образование и наука, електронското пријавување ќе биде затворено на 15ти Јуни во 15 часот, поради што, постои неизвесност дали родителите ќе стигнат навреме да ги запишат своите деца во средно училиште. Овој начин на упис за прв пат е воведен годинава, со ветување дека нема да одземе повеќе од 5 до 10 минути и ќе ги замени гужвите во училиштата иако засега тоа не е така.

Никола Цветкоски