Странските инвеститори со низа барања до властите

За да растат платите мора да расте и продуктивноста. Бизнисмените контра власта која најави административно покачување на минималецот на 13 илјади денари. Странските инвеститори велат дека за ваков чекор е потребно време за прилагодување и планирање.

-Да ја зголемиме продуктивноста, а потоа ќе ги зголемиме и платите, и тоа е вистинскиот начин на кој ова треба да се направи. Продуктивноста се зголемува од ден на ден и треба да сфатиме во нашите глави дека ако напорно работиме, ќе добиеме и повеќе, вели претседател на Советот на странски инвеститори Штефан Петер.

-Мора да се најде начин процесот на зголемување на платите да биде континуиран. Но, она што треба да внимаваме е дека зголемувањето на платите треба да биде најавено оваа за наредната година, за да може да ги вклучиме во буџетите на компаниитe, изјави Ирена Јакимовска, потпретседател на Совет на странски инвеститори.

Економијата во првиот квартал порасна за 4.1% што, според бизнисмените, е позитивен сигнал но за стабилен и долгорочен просперитет се потребни структурни реформи. Советот на странски инвеститори подготвил пакет мерки кои ќе бидат доставени до Владата.

И градежниот сектор со низа барања до власта за поттикнување на секторот. Тие сакаат да се формира меѓуресорско тело, во кое ќе учествуваат претставници на Градежната комора, Владата и општините, што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување.

Државната статистика објави дека економијата се зголемила за 4.1% во првиот квартал. И покрај сериозните проблеми со кои лани се соочуваа производителите, пред се јаболкарите  и градинарите, најголем раст е измерен во секторот земјоделство од 13.6%. Следат градежништвото со 7.0% кое претходната година имаше катастрофални резултати, трговијата со 6.6%, преработувачката индустрија со 3.5%, рударството со 3.4%.

Секторот уметност, забава и рекреација стагнирал односно растот бил 0.0%. Намалување на економските активности има кај финансиски дејности од 1.1% и информации и комуникации од 0.7% што според познавачите веројатно се должи на зголемениот персонален данок на доход.

Сања Трајковска Ставров