Стравот коалицијата ја чува? – Бектеши доби уште една шанса од Ковачевски

Бектеши на поправен пред колегите министри. Премиерот Ковачевски најави дека Министерот за економија ќе ја соберел целата документација за рудникот Иловица и овој пат детално ќе ги информирал министрите за спорните концесии на следната седница на Влада.

Дали е точно дека Бектеши ги излажал министрите за одлуката на Управен дека владата е задолжена да ги спои концесиите , и дали ќе се побара одговорност од него , засега не е познато.  

На следната седница на Влада повторно министерот за економија со сите документи од 2012 година, бидејќи не се работи само за една судска одлука, заедно со неговите стручни служби ќе ги информираат сите министри за понатамошната постапка. Меѓутоа, јасен е ставот и на Министерството за економија и на Министерството за животна средина и на претседателот на Владата дека рудник нема да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот каде што е дадена таа концесија, односно две концесии, рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, побараа Ковачевски да го разреши Бектеши .  Пратеникот Антонијо Милошоски пак во фб статус  прашува дали и Ковачевски се чувствува измамено и како тој гласал и дали ќе има некаква одговорност за министерот за економија ?

– Дали министрите кои изјавија дека измамени гласале за одлука , или Јавниот обвинител по службена должност, ќе побараат кривична одговорност за министерот Бектеши ? Дали премиерот Ковачевски бил на седница, како гласал и дали и тој се чувствува измамен од министерот Бектеши, исто како Спасовски, Петровска и Шукова?, пишува во статус на фејсбук Милошоски.

Петровска, Шукова и Спасовски за порталот ИРЛ  изјавија дека не им било прецизирано дека со одлуката на Управен суд , Владата не е задолжена да ги спои концесиите. 

Всушност, Управен по трет пат одлучувал за овој предмет и пресудил да се поништи одлуката за раскинување на концесијата од 2019 , но спојувањето на концесиите воопшто не било дел од одлуката, како што  Министерството за економија претходно презентирало пред министрите на владина седница, по што тие гласале ЗА дополнителната точка на дневниот ред која токму министерот за економија ја предложил 

Од Министерството за економија тврдат – Бектеши не лаже.

„Според пресудата на Управниот суд од 31.03.2020 година Барањето за спојување на двете концесии од административна природа претставува претходно прашање. Рушејќи го аргументот на Владата за едностран раскин на Договорот за концесија, односно Решението со кое се одбива барањето за дозвола, Управниот суд сега практично ја задолжи Владата да одлучува по ‘претходното прашање’, односно барањето на инвеститорот за спојување на двете концесии. Ова барање од страна на инвеститорот било поднесено уште на 28 јануари 2016-тата година до Министерството за економија“, велат од Кабинетот на Бектеши за Сакам да кажам.

Инаку, жителите од струмичко јасно на 35ти протест по ред укажаа дека се против отворање на рудникот за злато и бакар во Иловица – Штука .На протестот се појавија и министерките за животна средина и труд и социјална политика, а организаторите во знак на револт ја запалија и одлуката за спојување на двете концесии.

Кристина Алексиеска

Advertisements