Стопанствениците се’ повеќе стравуваат од банкрот оти државата ги оставила како „сираци“

Струјниот „удар“ жестоко удира и врз големите компании кои со децении се етаблирани како рентабилни и профитабилни. Крајно загрижени за својот опстанок, стопанствениците сметаат дека државата целосно потфрлила во справувањето со кризата. „Препуштени сме сами на себе, секој да се снаоѓа како знае и умее“, велат тие и додаваат дека простор за маневри повеќе нема, бидејќи секоја компанија врз своја кожа веќе длабоко го чувствува дивеењето на цените на струјата, но и на сите други енергенси, па стравот од банкрот е се’ пореален.

„Нашата компанија е енергетски интензивна компанија, па покачувањето на цените на електричната енергија од 300, 500, а според тенденциите и 1.000 проценти, едноставно не може да се покрие од нашите редовни приходи, бидејќи оставени сме сами на слободниот пазар на електрична енергија, каде што цените дивеат без контрола. Се работи за нашата егзистенција и работните места. Дотаму е дојдена работата“, – ни изјави за Алфа, Жарко Качаков, директор на Секторот за развој при А.Д. „Витаминка“.

Сопственото производство на енергија со поставувањето на фотоволтаици, се наметнало како единствен спас во сиот овој енергетски крах, но Качаков вели дека и тука државата не си ја исполнила својата задача, особено во делот на долгите и прескапи процедури за релизацијата на овие проекти.

Ние почнавме со инвестиции во фотолтаични централи уште пред четири години и тоа е континуиран процес до денеска. До крајот на оваа година сопственото производство на електрична енергија треба да ни достигне околу 30 проценти од нашите вкупни потреби во редовното работење. Фотоволтаиците значи само ни ги ублажуваат проблемите, бидејќи ние работиме во три смени, а ноќе нема сонце. Досега, ние не сме добиле никакви најави дека ќе добиеме било каква помош. Сите земји во нашето опкружување се грижат за сопствените компании, а не само за малите и не се оставени на суровоста на отворениот пазар“ – објаснува Качаков.

 Во ништо поразлична состојба не е ни „Прилепската пиварница“. „Ние сме како приказната за „Мравката и штурецот“. За жал, ние сме штурецот. Додека сите се подготвуваа, ние си „свиревме“. На државата многу доцна и’ текна да се растрча. Кога имаме апсолутно ненормални услови за работа во цела Европа, Владата не може и не смее да се дистанцира од улогата да го заштити стопанството од пропаст и да ги спаси сопствените жители“, – посочува директорот на Пиварницата, Сашко Самарџиоски, кој е и потпретседател на Регионалната стопанска комора – Прилеп.

Каролина Дурло

Advertisements