Стопанствениците негодуваат, бараат поддршка за минималецот

Ако Владата го поддржи стопанството со субвенции, бизнис секторот може да издржи исплата на минимална плата од 13.500 денари, велат работодавачите. Според Миле Бошков, ако Владата не помогне, најавеното ново покачување на платите би предизвикало сериозни проблеми кај трудо-интензивните дејности – бизнисот ќе подлежи на дополнителни трошоци.

Зголемувањето на минималецот ги демотивира работниците со просечни плати, а ќе предизвика и проблеми кај трудо-интензивните дејности, велат од Организацијата на работодавачи. Тие веќе се изјаснија дека се уште имало работници кои дел од платата добиваат на рака.

За најавеното зголемување на минималецот неодамна реагираа и од текстилците. Според нив, ново покачување на платите би значело сериозен удар врз текстилната индустрија, а дел од конфекциите, соочени со нови трошоци би можеле да стават клуч на врата.

По најавата за зголемување на минималната плата, која од 1 јули ќе изнесува 13.000 денари, од Влада велат дека немаат толеранција за газдите кои не го почитуваат договорот за минимална плата. Ги охрабрија работниците да ги пријавуваат работодавачите кои ќе ги тераат работниците да вратат дел од парите.

Претходно и од Светска банка предупредија дека евентуално покачување на минималецот ќе ја продлабочи сивата економија и ќе ја зголеми стапката на невработеност.

Борис Грујоски