Стопанска комора : Пекарите, градежниците и работниците од машинските струки се најдефицитарни

Да се зголеми квалитетот на формалното образование, а неформалното да овозможи побрзо приспособување кон барањата и потребите на пазарот на трудот, апелира Стопанската комора на Македонија.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, пекарите и стручните кадри од градежната и машинската струка се уште се најдефицитарни.

Според Борис Тримчев од Комората, во Македонија завршувањето факултет се уште е поатрактивно од средните стручни школи иако компаниите нудат солидни плати за лица со завршена средна стручна спрема.

И додека кај нас се прават напори за воведување дуално образование, во европски рамки, напомена, веќе се промовира т.н. трипартитен систем на школство во кој, освен училиштата и компаниите, се вклучени и дигиталните вештини.

-Државниот систем на образование е прилично ригидна структира која не може да се менува согласно пазарната динамика и не може во кратко време да одговори на потребите на пазарот. Очекуваме неговиот квалитет да се подобри, а неформалното образование да овозможи за кратко време потребен кадар преку доквалификација и превалификација, истакна Тримчев.