Стопанска Комора: Или државата ќе помогне, или ќе се затворат и останатите капацитети во државата

Стопанството алармира дека состојбата е повеќе од драматична. Инсистираат Владата да ги донесе одамна ветените мерки за да не продолжи затворањето на производствените капацитети. Ударот е страотен, а потребата од реакција повеќе од итна, алармираат од Стопанската комора на Македонија.

Или државата ќе помогне, или ќе се затворат и останатите капацитети во Македонија, алармира Стопанската комора, откако власта иако вети, мерките никаде ги нема. Според стопанството, државата мора да покаже сериозност по примерот на другите земји, зашто ова е критичен и тежок момент за фирмите. Поради сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа домашната економија, со оглед на цената на струјата, поскапа од 6 па и до 10-пати.

Комората бара од Владата, најдоцна до среда, за кога е закажана седница на Економскиот совет, да ги донесе мерките за ублажување на ценовниот  удар. Според Комората, не постои ниту една земја во регионот и пошироко, која не им помогнала на своите компании.

  • Барањата се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи, во услови кога за мегават час Србија има цена од околу 100 евра, Босна и Херцеговина – 65 евра, Косово – 70 евра, Бугарија има поставена лимит-цена од 128 евра, износ над кој трошокот го покрива државата, Романија има цена од околу 180 евра, а Грција прогнозира максимално ниво на цена од 220 евра за мегават час, со субвенционирање на другиот дел од реалната вредност на цената на струјата, алармира најголемата Комора во Македонија.

Стопанството укажува дека без државна поддршка, 10-те најголеми потрошувачи на струја, кои имаат 6.000 вработени, со приход од 1 милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра за електрична енергија, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија. Од Владата се правдаат дека мерките биле во подготовка.

Влада за многу скоро време ќе излезе со конкретни антикризни мерки насочени кон најранливите категории на граѓани, како што правеше и од почетокот на кризата и во времето на КОВИД пандемијата, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

  • Во неколку наврати кажав дека заврши времето на изобилство и со електрична енергија, меѓутоа и со други ресурси. Европа се наоѓа практично во војна на својот континент. Во Украина се води војна. Гледате дека таму практично дневно се влошуваат состојбите и затоа ќе продолжиме во насока на поддршка на најранливите категории на граѓани, истакна Ковачевски.

Тој потенцира дека замрзнувањето на маржите функционира, но дека импутите, енергенсите, суровините, коишто ги добиваат производителите на основни прехранбени производи ги влечат цените нагоре, што е случај практично во сите држави.

И додека Владата се уште работи на подготовка на мерките, фирмите останаа извисени. Најголемиот потрошувач на струја „Фени“, веќе ги изгаси печките поради скапата струја, а вработените заминаа на принуден одмор.

За разлика од кај нас, кои уште чекаме државна помош, владите на другите развиени земји веќе им спорачаа мерки за спас на бизнисите, но и да се ублажи ценовниот шок и граѓаните полесно да го поминат овој тежок период.

Борис Грујоски

Advertisements