Стопанска комора: Владата многу доцни со мерките, бараме итна средба

Бизнисот на колена, додека власта се занимава со политика. Половина од фирмите едвај преживуваат. Стопанската комора на својот 100-ти јубилеј, алармира дека Владата веќе многу доцни со мерките за помош на бизнисот поради политичките случувања. Дури 99% од проблемите на компаниите се поврзани со скапата струја. Затоа комората бара итни средби со Владата и регулаторната комисија за да изврши притисок врз државните електрани да произведат не само за граѓаните, туку и за бизнисот. Засега, се сомневаат дека тоа е воопшто остварливо. Фирмите не знаат ниту колку од оние 76 милиони евра за помош ќе бидат наменети за нив, додека за повеќе пари сега не станува збор бидејќи ММФ тактизира со сумата со која треба да се покрие буџетскиот  дефицит.

„Тоа не може да биде, зошто оценка на Македонската енергетска асоцијација е дека состојбите во ЕСМ не се такви, ниту кадровски, ниту технички, ниту логистички да може тоа да го направи. Ако во ваква состојба ние бараме решение и за парното греење и за помош на компаниите за зголемување на производството, тој товар ЕСМ не може да го издржи“ – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Стопанската комора со критики и до Народната банка. Откако во последниве 3 месеци таа четирипати ја зголеми основната камата и интервенираше кај задолжителните резерви, Азески со порака дека додека го бранела курсот на денарот, го заборавила бизнисот. Засега фирмите сè уште лесно земаат кредити, а банките биле и повеќе од ликвидни.

„Имаме чуство во изминатиот период дека во Централната банка на Македонија ја протажираше едната своја обврска за зачувување на курсот не водејќи смета за реалниот сектор. Така може да се доведеме до ситуација операцијата да биде успешна а пациенот мртов, значи ние инсистираме и понатака да имаме капацитети да ги пренесеме состојбите какви се во реалниот сектор и на тој начин да и Народната банка подеднакво да се занимава со тие две кучни прашања утврдени во Уставот“ – вели Азески.

Бизнисот е крајно разочаран од сите владејачки гарнитури. Во изминатите три декади, економскиот раст во просек изнесувал едвај 1,7%. Јавниот долг го достигнал плафонот, но ништо подрастично не се променило – сè уште царува корупцијата, нема инфрастуктура, а судството и образованието се во катастрофално лоша состојба. Стопанската комора апелира ако под итно не се постави економијата како приоритет, ситуацијата водела кон пропаст на државата.

Тања Попова

Поврзани вести