Стопанската комора го вклучи алармот – итни мерки за струјата или колапс на илјадници компании

Многу компании ќе стават клуч на врата и ќе бидат принудени да поделат откази, ако Владата под итно не им помогне. Стопанската комора алармира – цената на струјата е најголем проблем за македонската економија, а надлежните се глуви на предупредувањата на бизнисот. Барањата за помош кои комората и ги испорача на Владата уште пред еден месец, не се исполнети. Од ден на ден, фирите се се помалку конкурентни, а бројот на затворени компании се искачи на 5.400 од стартот на годинава. Лани од регистарот, пак, биле избришани 7 илјади фирми.

Бизнисите револтирани – бараат Владата да престане да „глуми“ дека сè е нормално во време на енергетска криза. Бараат да се обезбеди поевтина струја за да се спаси економијата од колапс. Во моментов цените биле 6 пати повисоки од истиот месец лани. Иако фирмите сакале да инвестираат, владата ги кочела со многубројните процедури во поставување фотоволтаици.

Првично, Владата порача дека барањата на бизнисот биле прифатливи, но до денеска нема никаков одговор, зошто помошта изостанува. Компаниите бараат итна набавка на мазут и јаглен за ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО да работи цела година, како и струјата од обновливи избори да биде наменета исклучиво за индустријата. За бизнисот препорачаните мерки од Владата за штедење струја се несериозни, бидејќи економската логика налагала штедење и никој не требал да им кажува на фирмите како да го сторат тоа, бидејќи сите се труделе да ги сведат трошоците на минимум. Инаку, се очекува Владата во текот на неделава да прогласи кризна состојба во енергетиката.

Тања Попова