Стефановиќ: Нема да исполниме ниту едно барање на опозицијата, јуни е првиот термин за избори

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска изјави дека власта нема да исполни ниедно барање на опозицијата и ги повика граѓаните да не ги почитуваат и не ги следат оние кои повикуваат на насилство.

Не знам што очекува Бошко Обрадовиќ, но знам дека (претседателот на Србија Александар) Вучиќ и секој од нас не е подготвен да им попушти на фашистите и тајкуните, рече Стефановиќ, додавајќи власта нема да се договара со такви луѓе.
Тој наведе дека јуни е првиот реално можен термин за одржување на вонредни парламентарни избори, но не ја исклучи можноста тие да се одржат и во март идната година.

– Тешко ми е да кажам кога ќе се одржат изборите, бидејќи тоа не зависи само од еден или два фактори, туку од многу фактори, кои меѓусебно влијаат еден на друг, наведе Стефановиќ.

Со своја реакција по вчерашниот состанок на претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС) и претседателот Александар Вучиќ, се огласи и Марко Ѓуриќ, директор на владината канцеларија за Косово и висок функционер на СНС.

Тој, покрај големиот митинг на 19 април во Белград, што го најави Вучиќ, изјави дека на 12 април ќе се организира митинг и во Нови Сад, во рамките на кампањата на српскиот претседател Иднината на Србија.

Ѓуриќ, за ТВ Пинк истакна дека на овие собири, граѓаните ќе го дигнат својот глас против протестите на опозицијата.

На 12 април во Нови Сад и на 19 април во Белград ќе видите огромна маса на луѓе кои не се согласуваат со насилството, посочи Ѓуриќ.
Новинарот Зоран Пановиќ, коментирајќи го синоќешниот состанок на врвот на СНС и на власта, за ТВ Н1 изјави дека „Србија не блиску до никакви избори, бидејќи нив никој не ги сака, опозицијата сака избори во сосем поинакви околности, а за СНС попуштањето пред барањата на опозицијата за изборни услови би била одреден вид на дефанзивна постапка. Тој додаде дека сето ова е „психолошка игра на нерви“, со која се намалува маневарскиот простор за договор околу елементарните изборни услови.