Стефанова на распит во Обвинителството за „Рекет“

По речиси 5 часа минати во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде во улога на сведок даваше исказ за случајот „Рекет“, обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, застана пред повеќе од 10 камери кои од 9 часот наутро ја чекаа на високите температури, но не откри ништо ново.

-Се што можев да споделам јас го споделив во даденото соопштение во петокот, денеска дојдов овде во својство на сведок од 9 часот па до сега, отприлика пет часа давав исказ како сведок и се што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител, изјави денеска Стефанова.

Новинарите инсистираа  да слушнат став во всрка со изјавите на Катица јанева, но Стефанова одби.

-Ве молам не давам друга изјава, кратко порача Стефанова.

Стефанова денесдка одмолче за Јанева,, но затоа пред неколку денови писмено ја нападна својата шефица, тврдејќи дека уште во декември минатата година била против осомничените во случајот „Империја“ да бидат пуштени во куќен притвор, а и дека била против да им се дадат времени патни исправи на бизнисмените Орце Камчев и Цветан Панделески, кои се осомничени во овој случај.

-Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги предвид сега објавените снимки, изјави во пишаното соопштение Стефанова во петокот.

Стефанова во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше повикана откако нејзиното име беше споменато во разговорите кои италијанскиот весник „Ла Верита“ ги објави околу случајот „Рекет“. Во еден од разговорите Камчев на Боки 13 му вели дека бизнисменот Чифлиганец за Стефанова му барал дуќан за стоматолошка ординација, што и двајцата го демантираа. Додека пак во друг разговор, Јанева му гарантира на Камчев дека обвинителката која го води случајот „Империја“ е под нејзина конторла. Покрај, Стефанова исказ даде и специјалната обвинителка Елизабета Јосифовска, а во наредниот период истото ќе го направи и најповиканата во овој случај, шефицата на СЈО, Катица Јанева. Од Обвинителството потврдија дека ќе биде повикана, но се уште не се знае кога. Во „Рекет“ осомничени се Боки 13 и Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец, кои добија нови 30 дена притвор.

Матеја Петровски