Стево Пендаровски претседател, односот на силите се менува во корист на ВМРО-ДПМНЕ

Македонија го доби петтиот претседател од прогласувањето на независноста. Во вториот круг од претседателските избори Стево Пендаровски освои 436.212 гласа или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање. Неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова освои 377.713 гласови или 44,73 отсто, додека над 30 илјади ливчиња беа прогласени за неважечки. На гласање вчера излегоа 844.365 граѓани од вкупно запишаните 1.808.131 граѓани. Победата на Пендаровски е обезбедена со најмалку гласови на граѓаните во историјата на претседателските избори, односно и Киро Глигоров и Борис Трајковски и Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов во два наврати добивале поголема поддршка од гласачите од онаа што вчера му беше дадена на новоизбраниот шеф на државата. А додека приврзаниците на СДСМ со зурли и тапани прославуваа пред партиското седиште, Пендаровски порача дека ќе биде претседател на сите граѓани и вети обединување на патот кон евро-атлантските интеграции.

Гордана Сиљановска-Давкова загуби со разлика од близу 60 илјади гласовo, но нејзиниот резултат е најдобар од сите кандидати кои ја добиле поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, кога таа партија била во опозиција. Оттаму порачуваат дека Сиљаносвка-Давкова ја однела победата во повеќето општини, што е јасен знак дека односот на силите се менува во корист на опозицијата, а кулминацијата ќе се случи веќе на следните парламентарни избори во декември 2020 година. Особено индикативен е примерот со Битола каде на СДСМ и коалицијата составена од 31 политичка партија им недостигаат 10.000 гласа во споредба со локалните избори од 2017. Слично е и во скопски Аеродром. Во 2017 година градоначалникот Златко Марин победи уште во првиот круг со освоени 22.560 гласа, но за само две години владејачката коалиција ја изгуби довербата на 6-7.000 граѓани во оваа голема скопска општина.

Професорката во својот говор порача дека е задоволна од фактот дека само за две недели добила над 50 илјади гласови на граѓаните повеќе, но исто така изрази сомнеж во најавите на Пендаровски дека ќе биде фактор на обединување во силно поделената земја.

За поделеноста во општеството и по овие избори говорат и реакциите на социјалните мрежи, како и пораките кои пристигнуваат од релевантни личности и од земјата и од странство. Инаку според законите, мандатот на Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај, а потоа следи положувањето заклетва на новиот претседател во Собранието. Мандатот му трае пет години, во кои освен функцијата шеф на државата тој ќе биде и врховен командант на вооружените сили.

Драган Милосављевиќ