Стево Пендаровски го прифати францускиот предлог како транзиционен компромис

Прифатлив транзиционен компромис кој нема да биде ниту триумф ниту дебакл е францускиот предлог за шефот на државава. Стево Пендаровски уверува дека предлогот од Париз со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, а стравот дека ќе се разнебити македонскиот народ и нација кој расте деновиве, било само перцепција во јавноста. На состанокот на Советот за безбедност, предложил,  Владата да даде изјава дека ако било кога понатаму, од почетокот до крајот на преговорите, Бугарија го негира и задира во нашиот идентитет, тогаш Македонија веднаш ќе ги прекине преговорите со Европската унија.

„Имаме високи политички тензии во земјава и не верувам во перцепцијата која се создава во јавноста дека ова е судбинска дилема да се биде или не и дека наводно деновиве треба да донесеме одлука која ќе ја дефинира иднината на нашите генерации. Одлуката да го прифатиме францускиот предлог нема да биде ниту триумф, ниту дебакл. За мене тој е прифатлив. Станува збор за транзиционен компромис во една од фазите за евроинтегрирање на земјава. Со прифаќањето на овој предлог ја креваме бугарската блокада и дозволуваме формално отворање на преговорите, рече Пендаровски

Но неговите уверувања, дека македонскиот идентитет ќе биде зачуван, како да паднаа во сенка по навредите кои ги упати кон пратеникот Димитар Апасиев, кој претходно на социјалните мрежи упати пцовка кон претседателот.

Таква работа таков јавен став може да каже човек кој или е ушмркан или му фали нешто во главата. Јас навистина мислам дека тој е психопат, не е со сите штом може вакви работи да постира на социјалните мрежи. Тоа е настан, изјава без преседан во современа Европа. Јас гарантирам дека избран пратеник во кој било европски парламент не пцуе починати родители на друг колега политичар. На Балканот тие работи особено ако имаш нешто меѓу нозе ги кажуваш во очи. Тој немаше храброст да ми ги каже во очи, туку се криеше во подрум и зад некоја тастатура и испраќаше пораки. Неговите пораки за сечење, бесење, колење ги испраќа преку фејсбук. Од друга страна што можеш да очекуваш од таква гнида човек, изјави претседателот.

Инаку, протоколот кој треба да се потпише со Бугарија, ако Македонија се согласи со францускиот предлог, се уште не е објавен, но според она што се објавува од бугарска страна, ги има речиси сите барања на источниот сосед. Пендаровски не демантира дека Македонија ќе има обврски во делот на образованието, говорот на омраза, работата на историската комисија, но вели дека тоа ќе бидат обврски на двете страни. Според него не постоела таква точка во која Бугарија ќе ги проценува нашите учебници и не постоеле шанси македонската влада да се согласи на нешто што ја повредува историјата, а се ќе се засновало на заклучоците од историската Комисија, за која во францускиот предлог има сугестии да одржува состаноци почесто. 

Адријана Алексиеска

Поврзани вести