Статистика: Лебот поскапел за 36%, а зејтинот за над 50% на годишно ниво

Трошоците на живот се зголемиле за 16% за една година. Најголемо поскапување од дури 23.6% има кај храната и пијалаците. Трошоците за транспорт се зголемиле за 24%, а угостителските услуги и комуналиите поскапеле за речиси 16%. Алкохолот и цигарите поскапеле за речиси 8%, а трошоците за култура се зголемиле за 7.6%.

Државната статистика потврди дека основните прехранбени производи стануваат луксуз за многумина.

За една година лебот поскапел за дури 36.5%, овде не влегува последното зголемување од 10 денари во просек кое се случи минатата недела.

Во истиот период месото поскапело за 21.4%. Млекото, сирењето и јајацата за 23.5%, а маслото за јадење за фантастични 51.9%. Поскапување од 23.3% има кај зеленчукот, а од 3.5% кај овошјето. Буквално во сите ставки кај хранат и пијалаците има раст на цените.

Статистиката измерила раст на цените и кај другите основни трошоци – така струјата поскапела за над 20%, гасот за над 53%, течните горива за 60%, а парно греењето за речиси 10%.

И другите категории производи имаат раст на цените – мебелот за над 6%, белата техника за 9%, автомобилите за над 8%.

Државниот завод за статистика само го потврди она што веќе го знаат сите – за просечниот Македонец преживувањето станува уметност.

Ваков раст на основните трошоци за само една година не е забележан од раните 90-ти години кога во Македонија имаше галопирачка инфлација. Но, не само високите цени туку и недостатокот на одредени производи потсетува на овој тежок период. Изминативе месеци често се случуваше полиците на маркетите да бидат празни – првенствено без масло и брашно.

Бојана Златкова