Стартува пописот во Aлбанија – повик до македонците да не потпаѓаат под влијанија
Бугарската пропаганда нема да успее во Албанија. Колку и да се труди Бугарија вештачки да создаде бугарско малцинство од Македонците – пописот ќе и ги урне сите надежи – коментира за Алфа активистот за правата на Македонците од Пустец, Панди Јани. На последниот попис во 2011 година во албанската држава ниту еден не се изјаснил како Бугарин, и по 10 години секаат да прикажат дека сега има бугарско малцинство има вели активистот за Алфа.
- Кај нас има бугарска пропаганда, но тоа нема да им успее. Кај нас нема Бугарите, сите се Македонци, и убеден сум дека нема да се попишат како Бугари, сите знаат кои што се, и секој ќе си се попише секој што е. Единствените Бугарите кај нас се тие што доаѓаат од Амбасадата во Тирана, што им вадат бугарски пасоши на Македонците од економски причини. Сум убеден дека во Албанија, нема Бугари, вели ПАНДИ ЈАНИ активист за правата на Македонците од Пустец.
Јани вели дека Македонците кои прифаќаат да извадат бугарски пасош најчесто се приморани да го направат тоа од економски причини. Но и покрај тоа на пописот ќе се изјаснат како Македонци.
- Без разлика на сите обиди за тивка асимилација на македонското малцинство тука во Албанија тоа нема да им успее, бидејќи тоа што сме го наследиле го пренесуваме од колено на колено, вели Јани.
Македонското МНР ги охрабри тамошните жители да се попишат како Македонци, но молчи и не реагира на активностите на бугарската потпретседателка Илијана Јотова во деловите во кои живее македонско малцинство во Албанија. Антимакедонската дводневна посета – остро реагираа од македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
–„ Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како претставник на Македонците од Република Албанија, се солидаризира со многубројните реакции на македонското население во Голо Брдо. Наедно, сметаме дека е потребно на светската јавност да ѝ ја пренесеме пораката на Македонците од Голо Брдо и јасно да го декларираме македонското чувство на Македонците од Голо Брдо. Од нив во повеќе наврати беше побарано да се изјаснат како Бугари. Македонците во Република Албанија велат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари“ – порачуваат од македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
Иако на последниве 11 пописи кај западниот сосед, ниту еден жител не се декларирал како дел од бугарско малцинство, државниот врв на Бугарија ја принудува Албанија да признае бугарско малцинство. Последниот попис во 2011 изброја над 5500 Македонци, но здруженијата и партии тврдеа дека има над 10-тина илјади.